При известувањето за изборниот процес, радиодифузерите треба да ги почитуваат професионалните начела, посебно начелото за објективно, непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, така што ќе ѝ овозможат на публиката слободно да оформи свое мислење за одделни настани и прашања, како и да ги почитуваат посебните забрани за поттикнување омраза и нетрпеливост.
Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за други правни лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект.
Јавниот радиодифузен сервис и телевизиите на државно ниво треба да обезбедат информирање за изборниот процес и за лицата со сетилна попреченост, а за содржините што ќе ги направат пристапни во текот на изборната кампања треба навреме да ја информираат Агенцијата.
Од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања не е дозволено да се емитуваат реклами финансирани од буџетот на државата, ниту платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи за поддршка на кандидатури на група избирачи. Исто така, не е дозволено уредници, новинари, водители на програма и презентери истовремено да бидат ангажирани во програмите на радиодифузерите и во предизборни активности на учесниците во изборна кампања. При објавување на резултати од испитувања на јавното мислење треба да се објават и сите неопходни податоци за конкретното истражување утврдени во Изборниот законик.
Радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) треба да извршат регистрација во Државната изборна комисија најдоцна до 12 август, а ценовниците да ги достават до ДИК, ДЗР, ДКСК и АВМУ, најдоцна до 14 август 2025 година.
Како и досега, Агенцијата, на својата веб страница постави банер со материјали поврзани со изборниот процес – законски и подзаконски акти, образец за претставки и сл. Банерот е достапен на македонски, албански и на англиски јазик, и континуирано ќе се ажурира во текот на изборниот процес.