Четири лица, меѓу кои и дете од 15 години, под истрага за пукањето во Тетово

Четири лица, меѓу кои и едно дете на 15 години, се осомничени за пукањето во Тетово, во кое едно лице го загуби животот, а повеќемина беа повредени. Како што информира Основното јавно обвинителство во Тетово, започната е истрага постапка против едно лице коe го извршило убиството и за едно дете кое било соизвршител во настаните.

Од друга страна, осомничени се и двајца од нападнатите, од кои едниот е тешко ранет, бидејќи ја продолжиле престрелката на улиците низ Тетово и довеле во опасност други луѓе од околината.

Првиот осомничен и детето на 10 август, на улицата „Благоја Тоска“ во Тетово, со умисла, употребиле огнено оружје, автоматски пушки кои на граѓаните им се забранети и убиле еден човек, а довеле во опасност животот и телото на други лица, вклучувајќи и еден од останатите осомничени.

Со автоматските пушки тие испукале повеќе куршуми кон автомобил ’Голф’ со кои го погодиле сега покојниот, кој бил на возачкото седиште. Два проектили завршиле во градниот кош на совозачот кој здобил тешки телесни повреди опасни по животот. Еден проектил завршил во десната натколеница на дете родено 2012 година кое се затекнало во непосредна близина, по што осомничениот заедно со детето се оддалечиле од лице-место.

Иако бил ранет од престрелката, вториот осомничен и уште едно лице извадиле пиштоли и почнале да пукаат кон возилото кое се оддалечувало и притоа погодиле друго лице кое се здобило со тешки телесни повреди, а куршуми завршиле и во возило на жена чија сигурност исто така била загрозена.

За сите осомничени, вклучувајќи го и детето, јавниот обвинител предложи определување мерка притвор.

INFO