Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, предупреди дека руската армија не се подготвува да ја заврши војната, туку „прави движења кои укажуваат на подготовки за нови офанзивни операции“, додека им се заблагодаруваше на лидерите на ЕУ за нивната поддршка, пренесе „Гардијан“.
Во објава на социјалните мрежи, Зеленски рече дека е клучно единството на ставовите „да не биде загрозено“ и ги повика партнерите да извршат поголем притисок врз Русија.
„Прашањата поврзани со безбедноста на Украина и Европа ги дискутираме сите заедно. Секоја одлука мора да придонесе за нашите заеднички безбедносни капацитети. И ако Русија одбива да го запре убивањето, мора да биде повикана на одговорност,“ рече тој.
Зеленски кажа „сите ја поддржуваме решителноста на претседателот Трамп и заедно мора да оформиме позиции кои нема да ѝ дозволат на Русија повторно да го измами светот.“
„Сè додека ја продолжуваат војната и окупацијата, сите заедно мора да го одржиме нашиот притисок – притисокот на силата, притисокот на санкциите, притисокот на дипломатијата. Им се заблагодарувам на сите кои помагаат“, рече тој.