Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ја одржа главната прес-конференција, на која беше објавена комплетната програма и сите фестивалски активности за 16. издание.
На прес-конференцијата се обратија Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, Петрула Вељановска, програмски координатор на „МакеДокс“, и Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
Фестивалот „МакеДокс“ ќе се одржи од 21 до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. Мото на 16. „МакеДокс“ е „Кому му е гајле за реалноста?“. На фестивалот ќе бидат прикажани 75 документарни филмски остварувања, а се очекува присуство на околу 100 гости од странство.
– Бидејќи живееме во свет каде вистината се менува побрзо од нашата способност да ја сфатиме, и каде е тенка границата меѓу фактите и фикцијата, потребата да гледаме внимателно, креативно, критички и со грижа, никогаш не била поголема – посочи Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Документарните филмови што ќе бидат прикажани на фестивалот отвораат прашања, нè соочуваат со низа социјални, културни, еколошки предизвици и ни покажуваат како други луѓе – од крв и месо како самите нас – се справуваат со овој свет во кој се чини дека ништо не мирува.
– Документарните филмови отвораат многу прашања кои нè мачат сите нас, од автор до публика, соочувајќи нè со низа на социјални, културни, безбедносни, како и проблеми поврзани со животната средина. Затоа, тие стануваат сè поважни во светот на филмот денес, претставувајќи своевиден документ за реалноста, каде што преку снимен и архивски материјал, доаѓајќи во допир со многу лични приказни и искуства освестуваме многу наши лични процеси и добиваме можност да ја споредуваме нашата реалност со реалноста на минатите генерации, дури и да ја претпоставиме реалноста на идните генерации. Тие се слика и прилика преку кои можеме да видиме како авторот, па и обичниот човек, без разлика на возраста, бојата на кожа, полот или дали доаѓа од село или град, се справува со овој свет во кој „сè тече и сè се менува“ – истакна Петрула Вељановска, програмски координатор на „МакеДокс“.
Програмата на фестивалот ќе се одвива во шест категории: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус: Австрија, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади.
На отворањето на фестивалот на 21 август ќе бидат прикажани краткиот филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот филм „Само на земјата“ на Робин Петре. Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ концерт ќе одржи гитаристот Мухамед Ибрахими.