Јанев на средба со сите раководни службеници

Со распишувањето на локалните избори започнува примената на сите законски одредби што се однесуваат на периодот од денот на распишување на изборите, па сè до нивното завршување и конституирањето на советите на Општините и на Град Скопје.

Со цел осигурување на безбеден предизборен, изборен и постизборен процес, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев денеска одржа работна средба со сите раководни службеници на БЈБ и МВР.

-Јасно и недвосмислено укажав на обврските, должностите, правилата и начинот на кој полицијата мора да постапува во наредниот период. Нашата работа ќе биде исклучиво во насока на транспарентност, непристрасност, независност и законитост. Полицијата мора да делува со највисок интегритет, да го обезбедува јавниот ред и мир, доследно да ги спроведува законите, да соработува со граѓаните и да превенира, открива и да ја санкционира секоја аномалија, неправилност или прекршување на законите. Нема да дозволиме поединци од редовите на полицијата да бидат чинители или соучесници во какви било незаконски дејствија. Секое такво однесување ќе биде предмет на строга одговорност и соодветни санкции, истакнува Јанев.

Директорот на БЈБ посочува дека полицијата е постојано посветена на заштитата на граѓаните и на демократијата – и за време на службените должности и надвор од нив.

-Наша обврска е да бидеме гаранти на правдата и функционалноста на законот, бидејќи единствено безбедни и функционални избори се основна вредност на демократијата. Секое насилство или обид за нарушување на демократската волја ќе биде немилосрдно санкционирано. Партнери на граѓаните и на демократијата сме 24 часа во денот, дециден е директорот на БЈБ.

INFO