Бугарските медиуми сметаат дека оценката на уставноста на францускиот предлог е дело на Мицкоски

Во коментарот на БГНЕС овој потег на Уставниот суд се оценува како несоодветна кампања за да се прикрие офанзивата против преговорачката рамка со Европската Унија и против Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година со двата протоколи што произлегоа од него. „Зад ова стои македонскиот премиер Мицкоски кој се прикрива зад енергичната помош на поранешната пратеничка Лилјана Поповска – сојузник на неговиот политички татко Никола Груевски во минатото и ќерка на патријархот на модерниот македонизам Блаже Ристовски“, пишува БГНЕС.

За оваа агенциј,а одлуката на судот за само неколку дена да отвори постапка за разгледување на жалбата е доказ дека политичкиот естаблишмент стои зад аргументот на „обичниот граѓанин“ за каков се прикажува Лилјана Поповска.

Поповска смета дека документот е во спротивност со Уставот, со основните слободи и човекови права, дека протоколот има несоодветна форма и содржина, дека излегува од рамките на правен акт што регулира член од договор меѓу две држави и дека произведува штетни последици по прашањата за идентитетот на македонскиот народ, јазик и држава. Поповска, исто така, смета дека протоколот е неуставен, бидејќи не е ратификуван од Собранието и не е објавен во Службен весник, а тврди и дека е во спротивност со Законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународни договори. Поповска во иницијативата бара Уставниот суд да го поништи протоколот.

Според  „францускиот предлог“ Македонија се обврза да ги вклучи Бугарите во македонскиот Устав како услов за одржување на следната меѓувладина конференција со ЕУ.

БГНЕС бара „бугарската држава да реагира на невиденото кршење на меѓународното право од страна на Скопје, кое ги дава сите знаци на прв чекор кон потенцијална ликвидација на целиот напредок од 2017 година. Обидот на Скопје да ја постави Бугарија и меѓународната заедница пред свршен чин – дека претходните договори не се применливи според Уставот и соодветно на тоа нивната ревизија е задолжителна – мора да се соочи со категорично противење и од Бугарија и од Европската Унија“.

Во Бугарија се пропагира тезата дека тие сакаат Македонија да стане членка на ЕУ, но дека Мицкоски ја носи оваа држава кон „српскиот свет“.

INFO