Движењето „Крени-Промени“ најави дека денеска ќе поднесе кривични пријави против министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и директорот на полицијата Драган Васиљевиќ, како и против повеќе лица, кои, како што објави движењето, нападнале граѓани со камења и пиротехнички средства за време на протестите во Врбас и Бачки Петровац, како и во Нови Сад.
„Кривичните пријави вклучуваат и лица кои раководеле со полициските сили, кои не ги спречиле нападите, туку, напротив, ги обезбедувале напаѓачи од просториите на Српската напредна партија (СНС)“, прецизират од движењето.
Тие велат дека Дачиќ и Васиљевиќ, како највисоки функционери на Министерството за внатрешни работи, се директно одговорни за пристрасното однесување на полицијата која ги заштити хулиганите, и за непостапување, со кое ги овозможи немирите.
„Наместо да ги заштитат граѓаните, со своите јавни изјави тие ги оправдуваа постапките на вооружените хулигани и ги осудија жртвите на нападите. Така, со јасна намера, ја злоупотребија својата службена положба и ја вклучија полицијата во нелегалните активности на парадржавните групи, чија цел беше да го задушат правото на слобода на собирање и да ги загрозат животите и безбедноста на граѓаните“, соопшти движењето „Крени-Промени“.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, пак, со контра изјава тврди дека имало многу напади од граѓаните кон просториите на СНС, а полицијата работела на зачувување на јавниот ред и мир.
„На многу места во Србија имавме напади од хулигани врз просториите на Српската напредна партија, на неколку места и врз просториите на Социјалистичката партија на Србија. Најтежок беше нападот врз граѓаните кои не ги поддржуваат, а кои се поддржувачи на Српската напредна партија и кои се собраа во голем број пред нивните комитети. Значи, најголемиот број повредени се всушност граѓани кои размислуваат поинаку, а кои беа повредени од хулиганите“, рече Ивица Дачиќ и додаде дека се повредени 27 полицајци.
Тој ја бранеше и полицијата за која тврди дека работела на зачувување на јавниот ред и мир и се обидувала да ги спасува животите на граѓаните кои биле против протестите, како и сопствените животи и најави дека работат на идентификување на сите оние кои го прекршиле законот и ги нападнале граѓаните и полицијата.