Независни заедно: Нема вистинска политичка волја

„Собранието, каде што треба да седат народни избраници, а не партиски извршители, ќе гласа измени во Изборниот законик по распишани избори, за да го определи прагот за независните кандидати да учествуваат на избори. Без никаков срам ниту одговорност, промената е од укинатите 1% на сега предложени 0,95%, или разлика во втора децимала. Ова минимално поместување покажува дека нема вистинска политичка волја да се врати правичното скалесто решение што важеше на претходните локални избори.
Ова гласање потврдува дека партиите во парламентот функционираат како трговски друштва кои располагаат со заедничкиот имот на Македонија според сопствен интерес. Тие носат закони што го зацврстуваат нивниот монопол и ја блокираат можноста за вистинска демократска конкуренција. Одлуката за граѓанско политичка платформа станува уште пооправдана.
Ние, од Независни заедно, со ваша поддршка продолжуваме со собирање потписи за да создадеме амбиент во кој институциите навистина ќе служат на граѓаните кон заедничка, праведна и одговорна иднина. Без вас граѓаните нема да може да ги оствариме промените
Фокусирани сме на нашата визија за достоинствен живот за сите, за простор ослободен од корупција и лоши политики. Не се обѕираме на сопките, туку бараме решенија со кои ќе ја вратиме моќта кај граѓаните“, се вели во реакцијата на Независни заедно.
На 20 мај 2025 Уставниот суд го укина изменетото законско решение од 2024 година со кое се крена прагот на потписи за независни листи и кандидати. Се укинаа членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик. Уставниот суд оценил дека измените биле направени нетранспарентно, во скратена постапка, и без јавна дебата, што го нарушило правото на еднаквост и политички плурализам.
INFO