Евгенија Нацулиду: Македонците во Грција се меѓу најзагрозените малцинства во Европа

Таа неодамна присуствуваше во Нови Сад на конференција на ФУЕН (Федерална унија на европските националности, во која членуваат повеќе од 100 организации кои ги ги претставуваат етничките, јазичните и националните малцинства во Европа). Организацијата „Крсте Мисирков“ е членка на ФУЕН.

Во интервју за „Приморски дневник“, таа истакна дека грчките власти и понатаму ја негираат самата егзистенција на Македонците во земјата.

„Официјалната позиција е дека во Грција нема малцинства, освен муслиманската заедница во Западна Тракија, која е призната со Лозанската спогодба. Но, дури и таа заедница не е признаена во Атина, Солун или на островите Коз и Родос, каде што исто така постои“, нагласува Нацулиду.

Според неа најголемиот дел од Македонците кои јавно ја изразуваат својата припадност живеат во Централна и Западна Македонија.

„Грција ја оспорува нашата култура и јазик, тврдејќи дека македонскиот е само дијалект на бугарскиот. Но, ако е така, тогаш би требало да ја признае барем бугарската заедница – нешто што никогаш не го направила“, додава Нацулиду.

Според неа, Грција од 1923 година до денес не признала ниту еден словенски јазик, иако со протокол на тогашното Друштво на народите беше обврзана да обезбеди заштита на малцинствата на териториите стекнати по Првата светска војна. „Овој документ е ратификуван, но и по повеќе од еден век Грција одбива да го спроведе, и покрај нашите постојани барања“, вели таа.

INFO