Во регистарот на ДКСК евидентирани се 1.916 службени возила, а има 6.500

Државни органите, органите на локалната самоуправа, јавните претпријатија или други правни лица што располагаaт со државен капитал требаше да достават податоци за бројот, марката на возилото, година на производство, регистарски број и возна состојба до ДКСК најдоцна до 18 август.

Доколку правните лица не достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои расолагаат во предвидениот рок, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците.

Евидентирањето на возилата на институциите се врши со цел тие да не се користат од страна на функционерите и други именувани и избрани лица за потребите на изборните кампањи.

Владата, пак, донесе одлука сите службени возила да добијат специјални таблички во боја, црвени, најдоцна до 15 септември 2025 година, со цел поголема транспарентност и спречување злоупотреби. Предвидено е исто така да се воведе специјален регистар на државните автомобили, кој ќе овозможи прецизна евиденција за местоположбата и користењето на секое службено возило.

Оваа обврска важи за повеќе од 6.500 автомобили во администрацијата и јавниот сектор.

„На иницијатива на премиерот на државата Христијан Мицкоски и на моја иницијатива, оваа постапка ја почнавме пред отприлика осум месеци, да ги обележиме сите државни возила во државата… Рокот е до 15 септември да ги обележиме сите овие возила“, изјави неодамна Ивица Томовски, директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Како што вели Томовски идејата, е да се спречи партиската и приватната злоупотреба на државните ресурси – особено пред избори. Со новиот правилник ќе бидат изземени само автомобили кои се користат во оперативни цели – како полицијата или безбедносните служби.

Службата за општи и заеднички работи ќе отвори посебна телефонска линија и и-мејл адреса, преку која граѓаните и медиумите ќе можат да пријавуваат сомнителни користења на службени возила. Со ваквата нова мерка, Томовски уверува дека ќе има брза реакција од надлежните и проверка на секоја пријава.

INFO