Избирачкиот список во сабота се отвора за увид и за запишување и бришење податоци

Граѓаните ќе можат да извршат увид и да направат промени во Избирачкиот список почнувајќи од сабота 23 август до 11 септември на полноќ. Како што информираат од Државната изборна комисија, граѓаните во овој период можат да побараат запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список. Тоа можат да го направат писмено до подрачното одделение на ДИК или месната канцеларија на подрачјето на живеење, или по електронска пошта до ДИК.

ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужбите, Управниот суд решава во рок од 24 часа и одлуката веднаш му ja доставува на тужителот по електронски пат. Правосилното решение на Управниот суд донесено по тужбата за запишување, промена и бришење е составен дел на потпишаниот Избирачки список од страна на ДИК.

Политичките партии можат да поднесат барање за доставување на Избирачкиот список до 11 септември, а ДИК во рок од три дена треба да им го достави. Политичките партии во рок од пет дена можат да доставуваат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци.

Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид на 12 септември доставува, листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа од денот на распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.

Министерството за социјална политика, демографија и млади најдоцна 30 дена пред денот определен за избори, до ДИК доставува податоци за лицата кои се пријавиле за гласање во установи за вонсемејно згрижување, а Основните судови доставуваат податоци за лицата на кои со правосилна судска одлука им е целосно одземена деловната способност или делумно одземена деловна способност и податоци за лицата на кои им е изречена мерката притвор.

Државната изборна комисија го заклучува избирачкиот список со сите промени, најдоцна на 26 септември, а заклучениот Избирачки список, се потпишува најдоцна на 3 октомври.

INFO