Пожарот во Јасен сѐ уште активен, направено е одвојување на шумата за да се стопира огнот

Три пожари се активни во земјава во моментот. Веќе десетина дена горат шумите во Повеќенаменското подрачје Јасен, каде огнот, заради лошата пристапност на теренот не може да се стави под контрола.
Во текот на вчерашниот ден припадниците на Министерството за внатрешни работи и Армијата во Јасен направија пресека на теренот, што подразбира ископ и физичко одвојување на шумата за да не може да се пренесе пожарот преку сртот.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираа дека се работи за превентивна мерка, во која е создаден бришан простор широк дваесетина метри на големиот срт долг неколку километри до езерото Козјак, а целта е да се зачува што повеќе од прекрасната шумата во Јасен.
Во последните 24 часа активни се и пожарите во Општината Маврово и Ростуше, во селото Церово, каде гори нискостеблеста дабова шума и сеча и во Општината Прилеп, во селото Беловодица, каде гори букова шума.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи, од вкупно 18 пожари во земјава, вчера се изгаснати 15, повеќето на депонии, ѓубришта и сува трева.
INFO