Избрзано славење на проруските пропагандисти по средбата Путин-Трамп

Проруските пропагандисти слават победа по средбата на Путин и Трамп, иако тој изјави дека нема договор додека не се постигне договор, т.е. ништо не е потпишано, а камоли капитулација на Украина. Тоа е само почеток на преговорите, а Трамп за тоа даде само штури изјави. И, ако Путин победил, тој треба да држи парада во Киев, а не да преговара. До средбата дојде по ултиматумот на Трамп и неговото праќање на нуклеарни подморници кон Русија, што може ја натерало да седне на преговарачка маса. Велат и дека ставот на Украина е небитен и дека за неа решаваат Путин и Трамп, кои ќе ја поделат, но таа сега се вклучува во преговорите и сама решава за можни отстапки – со одбивање да ги прави, пишува „Вистиномер“

Во продолжение, ви ја пренесуваме објавата во целост:

Мировниот процес за Украина само што започна и сè уште не се донесени финални одлуки, па овој текст ги одразува состојбите во моментот на неговото пишување, но набргу можат да следат разни промени и изненадувања.

Најжешка тема сега е историската средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, која се одржа во Алјаска на 15.8.2025 г. Но, средбата е историска просто затоа што односите меѓу САД и Русија се веќе долго напнати, а не затоа што бил потпишан некаков договор од историско значење.

Трамп по средбата даде само штури и воопштени изјави за неа без ништо да конкретизира, а проруските пропагандисти ја претставија како „победа за Русија“ и „пораз за Украина“, небаре таму била потпишана нејзина капитулација.

Иако Трамп изрази задоволство од средбата и изјави дека со Путин нашол разбирање по многу прашања, таа траеше многу покусо од планираното и дури беше откажан свечениот ручек, што можеби не е најбитно, но сепак говори за не толку успешна средба.

На пресот кој следеше немаше некои откритија, а Трамп нагласи дека нема договор додека не се постигне договор, т.е. ништо не е потпишано, па многу нешта се нејасни и „висат во воздух“.

Нешто поконкретно Трамп соопштил подоцна, кога на украинскиот претседател Володимир Зеленски му пренел руски барања за територијални отстапки во Донбас или Крим во замена за мир, но тоа и не е некоја новост, а Зеленски тоа го одби и не потпиша никаква капитулација.

Трамп може да го казни Зеленски за таа непопустливост со прекин на воената помош и сл., но прашање е дали тоа ќе се случи. Тоа веќе го видовме кога Зеленски беше јавно укоруван среде Белата куќа на 28.2.2025 г., по што помошта му беше привремено секната, но тој дипломатски се снаоѓаше во таа сложена ситуација, па и натаму се бори.

Што ќе биде понатаму – не знаеме, но ако Трамп го скрши отпорот на Зеленски, тоа секако нема да биде воена победа на Русија и остварување на сите нејзини цели, кои се поамбициозни, туку тоа ќе биде утешна награда за Русија добиена на тацна од Трамп. Тој тука е далеку побитен од Путин.

Што е за право, некои аналитичари ја сметаат средбата со Трамп за извесна победа на Путин, во смисла на тоа дека тој издејствувал процесот да не почне со примирје, туку директно да се оди на финален мировен договор, што му дава на Путин одврзани раце и натаму да војува додека траат преговорите без да биде казнет со пожестоки санкции со кои му се закануваше Трамп.

До самитот на Алјаска дојде откако Трамп го загуби трпението со Путин и неговите масакри во Украина, па му постави ултиматум да седне на преговори во рок од 50 денови, што потоа беше скусено на 10-12 денови, под закана за пожестоки санкции. Тука се наметнува заклучокот дека Путин можеби се исплашил и попуштил, па така се нашол на преговарачка маса.

Да додадеме и дека на почетокот на август, Трамп испрати подморници со нуклеарни проектили кон Русија како одговор на некои нејзини заканувачки изјави.

Путин не е во супериорна и победничка позиција како што многумина мислат, а ако е така, тој не би преговарал, туку би држел паради среде Киев (или среде Вашингтон или Брисел).

На Путин му се припишува и победа на пропаганден план, во смисла на тоа дека излезе од изолацијата во која беше ставен од страна на Западот. Тоа беше крајно непријатно за Украина, но не може да се говори за нејзин пораз во војната, а тоа понатаму ќе го елаборираме.

 

КОНКРЕТНИ ПРИМЕРИ ОД НАШИОТ ВЕБ-ПРОСТОР

 

За наводната „победа“ на Русија

Коментирајќи за средбата на Путин и Трамп, една проруска објава на Фејсбук вели (извадоци):

Русија е победникот во Украинската војна – НАТО е големиот губитник

Постојат само две супер-сили во светот кој што може преку пеѓусебен дијалот да ги решаваат светските проблеми.

Во иднина влијанието на Русија само ќе расте

Еден друг Фејсбук-корисник го вели следново:

Мурика и Гејропа ОФИЦИЈАЛНО ја изгубија војната во Украина!

Истиот автор во друга своја објава го вели и ова (во оригинал и без корекции):

Русија ОФИЦИЈАЛНО ја победи војната!!! Ова денес се само потпишување на капитулацијата на западот!

Русија не може да биде победник во украинската војна, како прво, затоа што таа не е завршена, а, како второ, затоа што Русија не ги оствари зацртаните и декларирани цели, а тие беа:

  • Денацификација, т.е.заземање на Киев и соборување и лустрација на тамошната власт, која Русите лажно ја претставуваат како „неонацистичка“;
  • Демилитаризација, т.е. уништување на воениот потенцијал на Украина и нејзино ослабување.

Меѓутоа, Русија беше поразена во битката за Киев во февруари-април 2022 г., а Украина стана помилитаризирана со модерно западно оружје и му влезе на Путин дома, во Курската област на Русија, дел од која Украинците држеа со месеци, а дури и Москва е одамна мета на нивни дронови.

Со тоа се урниса статусот на Русија како суперсила, а таа не е сила ни на дипломатски план. Русија не одигра улога во неодамнешниот мировен договор меѓу Азербејџан и Ерменија, склучен со посредство на Трамп, а за Русија тоа се блиски простори врз кои таа секогаш сакала да доминира.

Русија ги отуѓи Ерменците со тоа што им одмогна во не така дамнешната војна против Азербејџан, а него го отуѓи така што на 25.12.2024 г. му собори патнички авион. Русија има влијание главно во земјите во развој како Нигер и Буркина Фасо, па токму такви доминираат среде кандидатите за БРИКС, што, без навреда за ниту една земја, не е баш геополитички успех.

САД и НАТО-пактот не се губитници во украинската војна од причина што не учествуваат во неа. Битки меѓу НАТО и Русија не се регистрирани, а ако тоа се случило, Русија требало да му објави војна на НАТО и да ги прекине дипломатските односи со неговите членки, но тоа не го стори.

А, ако објавата смета дека НАТО бил поразен со тоа што не се проширил во Украина, во НАТО и онака нема консензус за примање на Украина. Франција и Германија го спречиле нејзиниот влез уште во 2008 г. За сметка на тоа што Украина не влезе во НАТО, во пактот влегоа две други членки – Финска и Шведска, па тука Русија е всушност губитник.

И, иако Украина сега нема да влезе во пактот, таа може ќе добие безбедносни гаранции слични на оние од чл. 5 од Договорот за НАТО, па ако пак биде нападната, САД ќе ѝ помагаат. Во таков случај, Русија тешко може да тргне во идно доосвојување на Украина, што е загуба за Русија.

На 30.9.2022 г. Русија изврши илегална анексија на следниве украински области: Донечката, Луганската, Запорошката и Херсонската, но нив никогаш не ги зазеде во целост, па оваа анексија беше избрзана и во голема мера само на хартија.

Путин никогаш не го зазеде Запорожје, иако по устав и закон го брои како „град во Русија“, што важи и за донбаските Славјанск и Краматорск, а Херсон го зазеде, но го загуби на 11.11.2022 г.

Од гледна точка на Русија, таа нема контрола врз својата сопствена територија и единствено може да зазема мали и за светот непознати места како КураховоБахмут или Авдеевка. Прашање е и дали е победа тоа што Русија ги зазема овие мали места по месеци или години војување со огромни жртви и дали е победа тоа што ги разурнува и масакрира, а ги смета за свои.

Русија не може да го заземе сето она врз кое претендира, па бара од Украинците тоа договорно да ѝ го отстапат во замена за мир, што тие го одбиваат, а таа не може многу да стори околу тоа, па не е јасно каква тоа „победа“ слават нејзините поддржувачи.

 

Украина не е исклучена од мировниот процес, а ни Европејците

Со претходно наведеното се урива и тврдењето на проруските пропагандисти дека мислењето на Украина е небитно и дека за неа ќе решаваат само Путин и Трамп. Но, Трамп најави дека Украина ќе се вклучи во преговорите, а иако тој смета дека таа мора да направи територијални отстапки, крајната одлука ѝ ја остава на Украина, која веќе се произнесува околу тоа – и тоа негативно.

Се вели дека преговорите ќе прераснат во трилатерални, со вклучување на Зеленски, а на 18.8.2025 г. тој имаше средба со Трамп, на која учествуваа и европските политичари: Урсула Фон Дер ЛејенЕмануел МакронФридрих МерцЏорџа Мелони и Александар Стуб. Со тоа се урива и прорускиот наратив дека Европејците се целосно маргинализирани од преговорите.

Се шири и наративот дека учеството на Зеленски во преговорите е само формалност и дека Трамп ќе му диктира што тој да прави, но, како што веќе видовме, тоа не е така, барем не засега.

 

За наводната поделба на Украина

Проруските пропагандисти шират и дефетизам во Украина и среде нејзините поддржувачи дека Путин и Трамп меѓусебно ќе си ја поделат нејзината територија, но со оглед на претходно наведеното, тоа сценарио е малку веројатно. Пример за тоа е следнава објава:

Преговорите Трамп-Путин за Украина се точно она што и се случи на Македонија 1913

Украина ја изгуби војната која што не смееше ни да почне, ќе биде поделена

Авторите на таквите објави прават паралели меѓу Букурешкиот договор во 1913 г. и преговорите на Путин и Трамп, но тука има нешто специфично. Тие автори се револтирани од поделбата на Македонија, но не им пречи тоа Украина да биде поделена, со што покажуваат двојни стандарди.

Но, колку и поделбата во 1913 г. да е историска траума за многумина кај нас, македонска држава тогаш немало, а Украина сега постои како држава, таа е нашироко признаена и има своја војска, дипломатија и поддржувачи во развиениот свет, па тешко дека би била тукутака распарчена без никој да реагира.

Такво нешто ѝ се случувало на Украина во подалечното минато, кога била делена меѓу Русија, Полска или други соседи (читајте за договорот од Андрусово од 1667 г. и договорот од Рига од 1921 г.), но ситуацијата сега е поинаква.

Што е за право, Украина нема контрола врз околу 20 отсто од територијата и САД бараат таа да се соочи со таквата реалност, но нема индиции дека бараат и признавање на руската анексија.

Според мировниот план, тие територии, исто како и досега, би биле само де факто под руска контрола, но не и де јуре и не засекогаш – како што вели американскиот преговарач Кит Келог. Тоа не е план за распарчување на Украина, иако подразбира привремени отстапки.

Фактот што тие територии нема да бидат запечатени како дел од Русија остава можност Украина да си ги врати во некоја поповолна иднина. Веќе споменатиот Азербејџан ја врати контролата над регионот Нагорно Карабах по дури 30 години.

Нов и прилично непријатен момент за Украинците е објавата на Трамп во неговата позната социјална мрежа од 18.8.2025 г. Во таа објава, Трамп ним им сугерира да заборават на Крим, што можеби значи барање за признавање на таа анексија. Арно ама, Трамп е нејасен, скржав на зборови и познат по своите скандалозни испади, а Зеленски и онака ја отфрли оваа сугестија, што веќе споменавме претходно.

Нема договор додека не се постигне договор, Украина не потпишала никаква капитулација и не е само пасивен набљудувач во целава работа, а што ќе биде понатаму – останува да видиме.

 

Пишува: Вангел Башевски

INFO