„Јунајтед груп“ денеска потврди дека се случил разговорот меѓу нивниот извршен директор Стен Милер и извршниот директор на „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ, наведувајќи дека станува збор за деловен разговор. Тие исто така истакнуваат дека го осудуваат секое нелегално снимање на приватни разговори, како што велат дека е случајот овде, објави ТВ Н1.
„Претходно оваа година, Јунајтед груп продаде разни средства на Телеком Србија. По таа трансакција, комуникацијата меѓу компаниите е рутинска и неопходна“, се вели во соопштението на компанијата.
Тие додаваат дека снимката е нецелосна и не го одразува целиот разговор и контекстот на тие разговори, и дека во ниту еден момент Телеком Србија или кој било друг субјект или лице не извршиле или не се обиделе да извршат каков било притисок врз Јунајтед груп во врска со работниот статус на Александра Суботиќ.
„Јунајтед груп не подлежи на политичко влијание од каков било вид. Александра Суботиќ не е вработена како член на редакцијата на која било новинска организација на Јунајтед груп, ниту пак некогаш била член на редакцијата. Таа работи во менаџерскиот тим на Јунајтед груп и останува на својата позиција, а Милер вели во видеото дека нема да ја отпушти“, се вели во соопштението.
Тие исто така истакнуваат дека ангажирале двајца независни меѓународни советници да спроведат ревизија на редакциите со цел да ја обезбедат нивната независност.
„Јунајтед груп решително ги отфрла сугестиите дека се обидува да ја поткопа независноста на своите медиуми“, се вели во соопштението на компанијата.
Претходно, Проектот за истражување на организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) објави аудио снимка од телефонскиот разговор меѓу директорот на Јунајтед груп, Стен Милер, и директорот на Телеком Србија, Владимир Лучиќ, во кој тие се чини дека зборуваат за смената на Александра Суботиќ, извршна директорка на Јунајтед медија, во чии рамки работи и телевизијата Н1, но и српските медиуми Нова, Данас и Радар.
На снимката, наводно директорот на српскиот телеком повеќе пати потврдува дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, бара смена на Суботиќ. Во истиот разговор, Милер исто така се чини дека го споменува претседателот, велејќи дека разбира дека е вознемирен, но бара уште малку време за да ја смени Суботиќ.
Директорот на Телеком Србија, Владимир Лучиќ изјави дека претседателот Вучиќ никогаш не побарал смена на Александра Суботиќ ниту на кого било од компаниите Јунајтед груп или Јунајтед медиа и најави кривични пријави против медиумите кои ја објавија снимката од разговорот со Милер.