Огромна медиумска контроверза и цунами од реакции ја зафатија соседна Србија, откако истражувачките медиуми „Крик“ и OCCRP објавија телефонски разговор за кој тврдат дека е доказ за заговор за ослабнување на критичките српски медиуми на групацијата „Јунајтед Груп“, меѓу кои и познатата телевизија „N1“. А во телефонскиот разговор се споменува дека наводно промената на директорката на „Јунајтед Груп“ ја барал лично претседателот на Србија Александар Вучиќ. Вучиќ демантираше дека барал такво нешто, но реакциите не стивнуваат.
Истражувачките медиуми објавија аудио снимка од телефонски разговор меѓу Стен Милер, генерален директор на „Јунајтед Груп“ и Владимир Лучиќ, кој е директор на „Телеком Србија“ и близок соработник на претседателот Александар Вучиќ. Од овој разговор меѓу Лучиќ и Милер произлегоа бројни обвинувања за тоа дека наводно претседателот на Србија барал да се смени една од клучните личности во компанијата „Јунајтед Медија“ – Александра Суботиќ, под чие управување работат медиумите N1, Нова С, Данас и Радар. Во телефонскиот разговор, кој предизвика тектонски реакции во Србија и кои се надополнуваат на антивладините демонстрации што со месеци се одвиваат во Белград и останатите градови, Милер му објаснува на Лучиќ дека пред смената на Суботиќ мора прво да ја ослабне компанијата која што самиот ја предводи.
„Морам да ја направам таа компанија многу мала во Србија“, се слуша во разговорот кој го објавија новинарите.
„Јунајтед Медија“ е гранка на „Јунајтед Груп“, холандски телекомуникациски и медиумски конгломерат, што оперира со повеќе медиуми во Србија, вклучително и телевизијата N1. Изминативе месеци кога најголемиот дел од српските медиуми ги покриваа антивладините протести, отсликувајќи го провладиниот наратив за наводна државна дестабилизација, телевизијата N1 и медиумите на „Јунајтед Груп“ се одвоија од овој наратив. Тие емитуваа преноси во живо од протестите, истражуваа корупција и се покажаа како важна платформа за пренесување на опозициските гласови. Нивната уредувачка политика после објавениот телефонски разговор се соочува со закана.
Уредувачка политика под закана
Претседателката на Европската федерација на новинарите Маја Север веднаш по објавувањето на телефонскиот разговор кој стана главна тема во српските медиуми – а за скандалот се известуваше и во медиумите во регионот – изјави дека ситуацијата во врска со „Јунајтед медија“ е загрижувачка не само за луѓето во Србија, туку дека за неа би требало да се загрижат и многумина во Европската унија.
„Се случува она од кое стравувавме. Александар Вучиќ го остварува она што го намислил, да ги покори и последните медиуми кои успеваат слободно да известуваат. Во моментот кога претседателот на Србија ќе го оствари замисленото, во Србија ќе завладее речиси целосен мрак“, реагираше Север.
Со своја реакција се приклучи и Здружението на новинарите на Словенија, посочувајќи дека внимателно и со загриженост ги следат медиумските случувања во Србија, кои може да имаат сериозни последици и за словенечкиот N1 и за јавноста.
Замолкнувањето на еден од последните независни медиуми во Србија би можело да има катастрофални последици за медиумската слобода, демократија и стабилноста на регионот. N1 во Србија е еден од ретките медиуми кои со години се спротиставува на притисоците од власта врз независното новинарство. Тој ја известува јавноста кредибилно и достоинствено за случувањата во Србија, вклучително и за антивладините протести, додека најголемиот дел од медиумите во Србија се под непосредна контрола на српските власти. Со замолчувањето на N1 во Србија би бил замолкнат гласот на независното новинарство, власта би го подредила практично целиот медиумски простор, што со оглед на актуелните случувања во Србија, каде повеќе од 8 месеци траат протестите, е уште поосетливо прашање, реагираат од Здружението на новинарите на Словенија.
Директорот на неделникот „Време“ Стеван Ристиќ е еден од десетиците медиумски професионалци коишто излегоа со свој став и реакција на скандализираност после објавената снимка и транскрипт.
„За медиумите во сопственост на „Јунајтед Медија“ јавноста е навистина единствениот спас во овој момент и тој глас на јавноста треба да се слушне до Брисел и Лондон. Верувам дека во инвестицискиот фонд „БС партнери“ секако постојат луѓе кои ова го доживуваат како репутациска катастрофа, затоа што се во различни бизниси и ова никому не му е потребно“, изјави директорот на неделникот.
Гласините дека владата на Србија се обидува да ја неутрализира N1 како и пет други медиуми на „Јунајтед Медија“ во Србија веќе некое време циркулираат меѓу новинарите, опозицијата и пошироката јавност. Но, новите докази што ги објави OCCRP даваат најјасна индикација досега дека сојузниците на Вучиќ ковале планови да ја пацифизираат телевизијата.
OCCRP во текстот објавува дека не виделе докази за тоа дека Александар Вучиќ му наложил на Лучиќ или некој друг да наметне промени во N1. Сепак, коментарите што ги даде Вучиќ во интервју за провладината Пинк ТВ, сугерираат дека тој знаел дека се спрема реорганизација. Вучиќ за Пинк изјави дека некои членови на персоналот на N1 ќе бидат отпуштени во ноември.
Запрашана за коментар за истражувањето на новинарите, Суботиќ која ја водеше „Јунајтед Медија“ речиси 15 години, изјави дека е „неприфатливо менаџер поставен од инвестицискиот фонд „БС партнери“ да дискутира за нејзина смена со директор на конкурентска фирма, особено не „Телеком Србија“. Суботиќ подвлече дека нема да дозволи политички или економски притисоци да влијаат на уредувачката политика на медиумите што се под нејзино раководство.

Вучиќ негира дека се мешал во независноста на медиумите
Александар Вучиќ демантираше дека се обидел да воведе контрола врз уредувачката политика на медиумите и додаде дека „не мора да одговара на сите глупости кога некој ќе го спомене“, како и дека не знае ништо за директорката на „Јунајтед медија“ Александра Суботиќ. Сепак потврди дека се сретнал со бизнисменот од „БС партнери“ – Никос Статополус кој се споменува во телефонскиот разговор.
„Се видов во Давос јавно со Никос, кој беше некаков шеф во БС партнери, зашто тоа ми е обврска поради инвестициите во Србија. И ништо не криев. За да не ме прашувате глупости за некоја жена која што сум ја видел еднаш во мојот кабинет, мислам на госпоѓата Суботиќ, ништо за неа не знам“, изјави Вучиќ.
Вучиќ на коментарот дека сака да ги згасне медиумите во „Јунајтед Медиа“ истакна дека одамна би ги угаснал кога би сакал тоа да го направи, додавајќи дека „тие самите се тепаат внатре“.
Еден од двајцата соговорници во објавениот телефонски разговор, директорот на „Телеком Србија“ Владимир Лучиќ, подоцна изјави дека претседателот на Србија Александар Вучиќ никогаш не барал смена на Александра Суботиќ
„Во разговорот со господинот Милер не стануваше збор за медиумите чиј сопственик е „Јунајтед Груп“ ниту било кој би се осудил да влијае на уредувачката политика на тие медиуми“, вели Лучиќ.
Тој најави кривична постапка против медиумите што ја објавија аудиоснимката зашто претходно не му ја испратиле на проверка дали е таа автентична.
„Бидејќи тоа не се случи, ќе биде покрената кривична постапка против медиумите што ја објавија снимката поради нанесување репутациска штета, а дополнително од судот ќе биде барано да се утврди автентичноста на снимката“, соопшти директорот на „Телеком Србија“ Владимир Лучиќ.
Од „Јунајтед Груп“ изјавија дека разговорот објавен од новинарите бил нецелосен, дека станувало збор за регуларни рутински бизнис-комуникации, а дека директорката Суботиќ ќе остане на својата позиција.

Пишува: Мирослава Симоновска