Инциденти и шок бомби во Нови Сад на комеморацијата за 10 месеци од уривањето на настрешницата на железничката станица

Србија вчера одбележа 10 месеци од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 16 лица, со комеморативни прошетки кои беа одржани во неколку градови во Србија. Средношколци и студенти организираа собири кои во повеќето градови поминаа мирно, со неколкуминутен молк. Во Белград, прошетката заврши на Плоштадот на Републиката со 16-минутен молк. Во Нови Сад, по комеморативната прошетка на неколку илјади граѓани, полициски возила се упатија кон универзитетскиот кампус, каде биле употребени палки и шок бомби.

На официјалниот профил на студентите во блокадата на Факултетот за технички науки, беше објавено дека акцијата на полицијата очигледно била координирана.

„Немаше ниту една причина да почнат да бркаат и тепаат луѓе,“се наведува во соопштението. Студентите во блокадата на Медицинскиот факултет во Нови Сад објавија на социјалната мрежа X дека кампусот на Универзитетот во Нови Сад е окупиран.

„Опкружени сме со кордони од сите страни, невозможно е да се влезе или излезе. Нашиот тим е спречен да пружи прва помош. Автономијата на универзитетот повеќе не постои, студентите се апсат пред прагот на нивните факултети“, се наведува во соопштението.

Граѓаните беа турнати кон кампусот, а наводно биле употребени палки и шок бомби, а на видеата што кружат на социјалните мрежи може да се слушнат истрели од топ.

Се претпоставува дека полицијата се упатила кон кампусот по комеморативната прошетка и дистрибуцијата на почит за жртвите на Железничката станица.

Министерството за внатрешни работи на Србија објави дека припадници на полицијата интервенирале вечерва во Нови Сад откако група граѓани им упатиле груби навреди и пцовки пред главниот влез на Факултетот за спорт и физичко образование. Додаваат дека собраните имале намера насилно да влезат во просториите на факултетот. Полицијата досега уапсила три лица.

„Дел од толпата била маскирана, а за време на настанот биле упатени груби навреди и пцовки кон полицајците. Откако биле издадени две јасни предупредувања и наредби толпата да се растури, кои не биле почитувани, полицијата интервенирала согласно законот“, се вели во соопштението на МВР.

Додаваат дека за време на сузбивањето и растерувањето на толпата, неколку лица фрлиле пиротехнички средства кон полицајците – топовски истрели и димни бомби, а фрлале и разни предмети, камења и тули кон полицајците.

INFO