Тошковски: Времето ќе покаже дали ЈО и судовите ќе се охрабрат да постапуваат по кривичните пријави од МВР за високи функционери

„Апсолутно да. МВР покажа за овие години во рамки на новата Влада дека можело поинаку, дека можело да се поднесе кривична пријава и против висок функционер од која било политичка партија, без разлика дали доаѓа од една, друга или трета… Не би сакал да специфицирам, но се покажа дека можело да се отворат постапки, дека можело да се говори јавно и при тоа со докази и со факти да се потврдат криминали“, вели во интервјуто Тошковски.

Како пример го издвојува предметот „Адитив“, кој беше процесиран и со обвинение од страна на Јавното обвинителство, но, министерот за внатрешни работи потенцира дека Јавното обвинителство и судовите не постапуваат еднакво за секој против кој е поднесена кривична пријава.

„За жал, и покрај тоа што поднесовме огромен број на кривични пријави, како против поранешни министри, директори на институции, кривична пријава беше поднесена и против поранешен премиер, гледаме дека Јавното обвинителство и судовите не постапуваат баш еднакво спрема секој еден против кој е поднесена кривична пријава. Останува времето да покаже дали во овој нареден временски период и Јавното обвинителство и судовите ќе се охрабрат да постапуваат во рамки на законски дадените овластувања, сè со цел да можеме да видиме процесна правда, којашто е нужна да ја испорачаме како институција, но и суштинска правда којашто би требало да ги детектира сите оние кои незаконски работеле во изминатиот период и да овозможи поврат на оние средства што незаконски биле трошени од страна на одредени лица, без разлика дали се тоа министри, директори или кој било друг тип на функционери во изминатиот период“, рече Тошковски.

Според него, за дел од предметите, како оној со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 млади лица, Обвинителството покажало храброст и одлучност навремено да одговори и веднаш да ги спроведе потребните процесни дејствија. Сепак, посочува дека за дел од предметите за којшто МВР поднеле кривични пријави со голем број докази, нема исчекор.

„Јавно би ја искористил оваа прилика да го прашам Јавното обвинителство до каде е предметот со злоупотреба на полициски овластувања во рамки на работењето на МВР, што беа поврзани со незаконско издавање на оружје. Поднесовме доста добра кривична пријава, според информациите што ги имам, издржана со огромен број да докази против поголем број на полициски службеници коишто незаконски постапувале во изминатиот период. Но, за жал, до ден денес не можам да констатирам помрднување во однос на тој конкретен предмет. Ниту сме известени дека е отфрлена кривичната пријава, ниту, пак, сме известени дека истата била сериозно разгледана од страна на Јавното обвинителство и процесирана со соодветен акт во рамки на нивна надлежност“, вели Тошковски.

Во интервјуто министерот за внатрешни работи зборувајќи за трагедијата во Кочани нагласува дека во делот на она што е надлежност на МВР било максимално координирано постапено по сите наредби на Јавното обвинителство.

„Сега останува на судот врз основа на сите собрани и доставени докази до него, да ги преземе сите оние процесни дејствија коишто е потребно да бидат преземени во страна на судот“, рече Тошковски.

Во контекст на системските пропусти што беа констатирани во овој случај, министерот за внатрешни работи вели дека нам, како општество и на институциите ќе им треба многу време за се направи драстичен исчекор од она што било.

„За шест месеци, за една година, ние нема да можеме да ги решиме со златно стапче проблемите коишто ги има во оваа држава. Многу години наназад се таложеле“, потенцира тој наведувајќи дека веднаш по несреќата се направени одредени законски измени и промени за да се спречат вакви несреќи во иднина.

Во интервјуто за МИА, со министерот за внатрешни работи Тошковски зборува и за постапувањето на МВР во делот на пожарите, акциите за сузбивање и заплена на дрога, за проектот „Безбеден град“, за подготовките на МВР за локалните избори 2025…

Кога станува збор за пожарите министерор Тошковски истакнува дека само изминатите четири месеци , МВР има лишено од слобода над 40-тина лица. За околу 30 од тие лица има поднесено соодветни кривични пријави. Сепак тој смета дека годинава ДЗР, ЦУК и територијалните противпожарни единици подобро се справуваат со пожарите, отколку минатата година.

„Факт е дека најголем дел од пожарите, освен оние што настанале како последица на одредени природни непогоди, се предизвикани од човечки фактор. И во иднина мораме да размислуваме и во насока на заострување на регулативата, која е поврзана со пожарите и давање на итност во рамки на постапувањето спрема оние кои пиромански и лудо се однесуваат и кон животната средина, но неодговорно и спрема сите нас коишто живееме во оваа наша убава Македонија. Бројката од 40 лишени од слобода и над 30 процесирани сторители на кривично дело предизвикување на општа опасност итн, поврзани со пожарите, навистина не е мала, но, сепак, сметам дека мораме превентивно да делуваме во иднина со заострување на казнената политика во овој дел и давање на приоритет при процесуирањето токму на овој тип на кривични дела, се со цел и превентивно да делуваме спрема овие пиромани“, цени министерот за внатрешни рабпти .

Тошковски истакнува дека во 2025 година МВР има разоткриено, разобличено, три криминални групи, коишто оперираат не само во Македонија, туку и надвор од земјата.

„Некаде околу 25 лица се предмет на овие кривични пријави и на овие постапувања. Со тоа што, еве, ако го земеме само кокаинот како наркотично средство, за оваа година и половина од кога сум јас министер, заплената на кокаин е од прилика еднаква на заплената во претходните 6-7 години заедно. Значи, ние за една година, година ипол имаме запленето 9 килограми кокаин, а толку има претходниот министер во рамки на целокупниот свој мандат“, вели Тошковски.

Во однос на проектот „Безбеден град“, министерот смета дека ако досега бил спроведен би имале помалку жртви во сообраќајот.

„Поразително е Македонија да има бројки помеѓу 75 и 80 жртви по милион жители во периодот за една година, а при тоа во скандинавските земји да имаме бројки кои покажуваат околу 30 жртви годишно. Значи ние имаме некаде околу 40 до 50 повеќе смртни случаи на милион жители, отколку во скандинавските земји. И навистина е поразително да се обиде да се манипулира јавноста со тоа дека државата сакала да го зголеми буџетот, па немала што да прави, ќе ги казнувала граѓаните за сообраќајни прекршоци. Не, целта на државата не е да го зголеми буџетот преку сообраќајни прекршоци со имплементирање на сејф сити – проектот. Целта на државата не е само да ги казнува оние коишто дивеат по улиците. Целта на државата е да спаси макар еден човечки живот повеќе од она коешто сме го имале претходно како смртни случаи, како последица на непочитување на сообраќајни правила. Верувајте ми, овие 142 жртви, сите до една, се последица на непочитување на сообраќајните правила“, тврди Тошковски.

INFO