Фирмата-изведувач „Ј.Е.С ДООЕЛ“ која требаше да гради мини хидроелектрани на реката Дошница на планината Кожув, од денеска си ја повлекува механизацијата од локациите на кои требаше да се гради. Откако минатиот месец се повлекоа мал дел од машините, денеска заминаа и останатите, а граѓаните прогласија победа и спас на реката.
„Фирмата повлече еден багер, потоа, еден камион, три возила, па потоа локацијата ја напушти и друг камион“, вели Марина Tомова од „Чејнџмејкерс фор ол“.
Еко активистите сметаат дека заедништвото и отпорот дале резултати, откако 72 дена го блокираа патот кон планината. Случајно или не, целосното повлекување на механизацијата се случува во пресрет на локалните избори.
Тие најавуваат и почнување на правна битка, а крајната цел им е укинување на концесијата. Најавија и протести во Скопје пред Министерството за животна средина и просторно планирање, доколку по изборите продолжат какви било активности за изградба на мали хидроелектрани.
Граѓаните ја бранат природата и една од најчистите реки во земјата, сместена во регионот богат со ендемски видови и биолошка разновидност.
Мета објави и дека инспектор од Државниот инспекторат за животна средина, на терен, во јуни месец, утврдил дека инвеститорот сече дрвја во речното корито на Дошница, што беше причина Инспекторатот да изрече забрана за вршење сеча на дрвна маса, сè до добивање дозвола или согласност за истото од Министерството за животна средина и просторно планирање.