Градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави дека еден од најголемите музички фестивали во Европа, Егзит, доаѓа во Скопје.
Тој одржал состанок со основачот на фестивалот, Душан Ковачевиќ, и откри дека наредната година Скопје ќе биде домаќин на познатиот бренд, кој привлекува посетители од целиот свет.
-Со огромно задоволство ве информирам дека со основачот на „EXIT“, г-дин Душан Ковачевиќ, разговаравме од следната година Скопје да биде нова дестинација на една од водечките европски фестивалски групации.
Убеден сум дека бренд како „EXIT“ значително ќе го зголеми квалитетот на забавниот живот и културната понуда на Скопје и Македонија, ставајќи го на мапата на топ дестинации за посета на огромен број туристи, бидејќи граѓаните на Скопје и Македонија го заслужуваат најдоброто, објави Ѓорѓиевски.