Обвинителите апелираат политичарите да се воздржат од неосновани напади што ја загрозуваат довербата во институциите

Здружението на јавните обвинители најостро реагира на недоличните и неаргументирани изјави на одредени политичари со кои директно се загрозува интегритетот и самостојноста на Јавното обвинителство и на правосудните институции воопшто.

Апелираат политичарите во предизборната реторика да се воздржат од неосновани напади со кои ја поткопуваат довербата во правосудните институции и го нарушуваат угледот на јавните обвинители.

„Јавното обвинителство е самостојна институција чија работа се темели исклучиво врз основа на Уставот, законите и материјалните докази. Ниту еден предмет не може и не смее да се води врз основа на политички притисоци или јавни прозивки, туку само врз основа на аргументирани факти и во рамките на законски пропишаните процедури“, велат од Здружението на јавните обвинители.

Потсетуваат дека секој што смета дека постојат елементи за кривично гонење, има право да поднесе соодветна пријава до надлежното обвинителство.

„Јавните обвинители ја извршуваат својата функција професионално, совесно и самостојно, и токму затоа е од особена важност да се обезбеди простор тие да ја вршат својата работа без притисоци, навреди или мешање од страна на политички или други центри на моќ,“ тврдат оттаму.

INFO