„Исклучи го говорот на омраза“: Герила инсталација со силна порака во Скопје

Во центарот на Скопје, на малиот сквер кај Ким, денеска беше поставена нова уметничко-активистичка инсталација под наслов „Исклучи го говорот на омраза“. Главниот елемент е огромен прекинувач со димензии 100x200x150 см, симболично претставен како копче кое граѓаните можат да го притиснат за да го „исклучат“ говорот на омраза.

Оваа активистичка инсталација, која е поставена на крстосницата на улиците Ленинова (Аминта трети) и булеварот Партизански одреди, во порта Буњаковец, потсетува дека културата и уметноста се моќни алатки за промена и заштита на демократските вредности.

Фото: Мета.мк

Како што информираат организаторите, токму неможноста да се исклучи говорот на омраза во реалноста е поентата на акцијата.

„Копчето е заштитено со дрвена ограда обвиткана со бодликава жица, која го симболизира тешкото надминување на пречките што ги создаваат оние кои го шират говорот на омраза. Дополнителна симболика се и силуетите на „чувари“ – фигури на војници со натписи што ги означуваат најчестите „сејачи“ на омраза: политички партии, екстремисти, социјални мрежи, квази-медиуми и други“, се наведува во соопштението.

Случајни минувачи кои ја видоа уметничката инсталација, коментираат дека „омразата ја прави политиката и дека треба народот да се освести и да функционира во заедништво, независно од тоа дали се работи за Албанец, Босанец или друг етникум“.

Друг граѓанин кажа дека „говорот на омраза е карактеристичен за луѓе што не знаат и не разбираат што тој значи, и најчесто оваа омраза ја имаат кон себе, а потоа и кон другите“.

Целта на авторите со оваа акција е да укажат дека и покрај желбата на граѓаните да го исклучат говорот на омраза, системските бариери и интересите на „чуварите“ го прават овој чин речиси невозможен. Инсталацијата ја отсликува реалноста во која живееме – борбата против говорот на омраза бара обединетост, солидарност и јавен притисок.

Во Северна Македонија, говорот на омраза е кривично дело, што значи дека секое јавно поттикнување омраза кон лица или групи на основа на етничка, верска, полова или друга припадност е санкционирано според законот. Целта на поставувањето на вакви акции е не само да привлече внимание, туку и да поттикне критичка мисла и јавна дебата.

Инсталацијата е поставена на крстосницата на улиците Ленинова (Аминта трети) и булеварот Партизански одреди, во порта Буњаковец. Акцијата е реализирана од Центарот за современи уметности – Скопје, во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда, кој го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје“.

 

INFO