Фотографката Илина Пулејкова меѓу победниците на регионалниот фото-натпревар „Три, четири, сега! Европа е наша!“

Младата македонска фотографка Илина Пулејкова е дел од победниците на регионалниот фото – натпревар, кој се одржа во рамки на кампањата „Три, четири, сега! Европа е наша!“. На натпреварот пристигнаа вкупно 183 дела, а свеченото доделување на наградите се одржа за време на Спортскиот фестивал во Љубљана.

Во април 2025 година, во Приштина, беше објавен конкурс со којшто се повикаа младите фотографи и љубители на спортот на возраст од 18 до 29 години да овековечат инспиративни моменти од светот на спортот, славејќи ги упорноста, проширувањето на ЕУ, единството, градењето мир и културната соработка.

Завршниот настан на кампањата се одржа во Љубљана, Словенија, во рамки на специјалната соработка со Спортскиот фестивал во Љубљана, и на него присуствуваа победниците на натпреварот.

Свеченото доделување на наградите беше отворено со видео-порака од европската комесарка за проширување Марта Кос, која истакна дека оваа кампања го претстави спортот како нешто многу повеќе од натпревар бидејќи со него градиме доверба, почит и заедници кои ги надминуваат границите.

Од вкупно 183 пристигнати дела, стручното жири ги избра осумнаесетте најдобри, кои потоа го обиколија Западен Балкан како дел од патувачка изложба низ седум градови: Белград, Подгорица, Скопје, Струга, Маглај, Приштина и Тирана.

„Спортскиот фестивал во Љубљана и фото-натпреварот се тесно поврзани, бидејќи и едниот и другиот ги слават спортот, младите и културата. Затоа е навистина важно да се видат љубителите на културата и спортот заедно на исто место, како учествуваат на еден заеднички настан, завршниот настан на фото-натпреварот“, изјави Наташа Кос, раководителка на Одделот за културна и научна дипломатија при Министерството за надворешни работи на Словенија.

INFO