Мицкоски во пожарите на Дрисла и Вардариште гледа политика

Пожарот во Дрисла вчера бил под контрола, но изминатата ноќ повторно се распламтил, што според премиерот Христијан Мицкоски укажува дека се работи за подметнат пожар, исто како и тој во Вардариште, за кој веќе има приведени и осомничени лица. Скопје утрово се разбуди во магла и смрдеа, а во поголемиот дел од населбите во Општините Аеродром и Гази Баба беа забележани зголемени вредности на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките.

Според мерните станици на Државниот мониторинг на Министерството за животна средина утрово на мерната станица Лисиче биле измерени 88 микрограми на кубен метар ПМ 2,5, што е речиси четирипати повисоко од максимално дозволеното и 82 микрограми ПМ 10, што е речисо двојно повеќе од дозволеното загадување. Во текот на денот се зголемија и концентрациите на загадувачите и во Центар каде се измерени 44 микрограми ПМ 2,5 и 73 ПМ 10.

Фото: Мета.мк

Премиерот Мицкоски денеска уверуваше дека владата работи на решавање на двете жешки точки со отпад во Скопје, но уште еднаш пожарите на депониите ги поврза со локалните избори и на еколошката катастрофа во која се најдоа скопјани и даде политички контекст. Тој најави дека Министерството за внатрешни работи ќе ги разгледува причините за повторното распламтување на пожарот, откако беше речиси саниран.

„Од некои чудни причини при крајот на ноќта пожарот во Дрисла повторно се распламти и со тоа денеска ќе се позанимава Министерството за внатрешни работи. Чудно е како во одредени јавни претпријатија каде што свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи, ќе истражиме и ќе обезбедиме докази како може пожар кој што беше речиси смирен, односно ставен под контрола, наеднаш да се распламти и како токму сега, откако успешно се справивме со пожарите“, рече Мицкоски.

Премиерот е уверен дека проблемот со Дрисла ќе го реши за една недела, а на крај и виновниците ќе бидат изведени пред лицето на правдата. За Вардариште, Мицкоски рече дека освен што има приведени и осомничени лица коишто ја користеле депонијата за нелегален бизнис, има и приватна агенција за обезбедување здружено ангажирана од неколку општини.

INFO