Федералното истражно биро (ФБИ) денеска одржа прес-конференција на која гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, потврди дека осомничениот за убиството на конзервативниот инфлуенсер Чарли Кирк е уапсен.
Осомничениот е 22-годишниот Тајлер Робинсон од Јута.
Гувернирот објасни дека член на семејството на осомничениот се обратил до надлежните откако Робинсон признал или индиректно навестил дека го извршил убиството.
Нагласи и дека член на семејството на Робинсон ги известил истражителите дека тој во последниве години станал „пополитички активен“. Семејството се присетило на неодамнешна вечера кога Робинсон спомнал дека Кирк ќе дојде на Универзитетот Јута и кажал дека „Кирк е полн со омраза и шири омраза“.
Цимерот на осомничениот покажал пораки разменети на апликацијата „Дискорд“ каде се зборувало за земање пушка од скривалиште, оставање на оружјето завиткано во пешкир, набљудување на областа и промена на облека. Спомнати биле и гравирани куршуми, оптика и дека пушката е „уникатна“.
Истражителите ја пронашле пушката завиткана во темен пешкир.
Гувернерот Кокс им оддаде признание на полицијата, ФБИ и јавноста за нивната вклученост и помошта во истрагата. Тој посебно се заблагодари на семејството на осомничениот кое, како што рече, „постапи исправно и го пријави случајот во полиција“.
„Особено сакам да им се заблагодарам на семејството на Чарли Кирк и да повикам сите да мислиме на нив додека се движиме кон правда во овој случај,“ изјави Кокс.