Откако стадионот „Петар Милошевски“ беше домаќин на младинските репрезентации на Македонија и Италија во квалификациите за ЕП 2027, конечно и ФК Пелистер ќе истрча на домашен терен во рамките на петтото коло од ПМФЛ.
Гостин во Битола е екипата на Арсими, а куриозитет претставува тоа што овие два тима во официјални натпревари досега се сретнале само во пониските рангови, поточно во Втората македонска фудбалска лига, во сезоните 2022/23 и 2023/24. Пелистер има позитивна традиција со три победи и едно реми, што само ги подгрева очекувањата на битолската публика, која првпат сезонава ќе има можност да ги бодри своите миленици на стадионот под „Тумбекафе“.
„Ова ни е прв натпревар на домашен терен во новата сезона, а дополнителен мотив е вечерниот термин. Арсими е добар тим и сака да се надигрува, но ние очекуваме поддршка од нашите навивачи и полн стадион кој ќе заблеска по неодамнешните инвестиции. За битолската публика сѐ освен три бода ќе биде неуспех, а истото го прифаќаме и ние како играчи. Ветуваме дека ќе го дадеме максимумот, ќе го оставиме срцето на терен и ќе ги освоиме трите бода,“ вели фудбалерот Александар Ристевски.
Очекувано, тренерот Димитар Капинковски е поумерен во изјавите и со респект зборува за досегашните настапи на тимот кој доаѓа во Битола.