Мицкоски: Пожарите се напад од центри на моќ од земјава и странство, веќе има четворица приведени

Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека има информации дека пожари како тој во Трубарево ќе продолжат да се случуваат бидејќи постојат центри на моќ во државата и надвор од неа кои не сакаат неговата Владата да биде успешна. Тој смета дека ваквите пожари, но како и и тие од летото ќе продолжат, бидејќи некој за тоа има интерес.

„Имаме информации од нашите служби дека се работи за хибриден напад, а доаѓаат од центри од дома и надвор“, рече Мицкоски.

Тој апелираше до граѓаните кои што живеат во близина на локацијата каде што се случи пожарот во Трубарево да ги следат препораките на надлежните институции. Тој информира дека денеска во периметар од 100 метри од местото мерењата покажуваат дека нема вонредно големо загадување, за разлика од вчера кога беше повисоко.

Мицкоски посочи дека нема да бара одговорност од вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, кој вчера за време на пожарот беше во Чаир, терајќи презиборна кампања. Мицкоски рече дка со Меџити постојано биле во контакт и дека нема потреба да се крева дополнителна тензија.

Мицкоски потврди дека компанијата чии складишта изгореа има важечка лиценца од 2021 година, во која самата декларирала дека ги исполнува условите за работа, како и условите за заштита од пожар, но се согласи дека услови во кои што работат не се добри и рече дека веќе има четворица приведени во врска со вчерашниот пожар, за што ќе информира Обвинителството.

INFO