Четворица на Токсикологија заради гушење од пожарот, жителка на Трубарево останува во болница

Четири лица биле примени на Клиниката за токсикологија, по огромниот пожар што вчера се случи во склад за отпад во селото Трубарево кај Скопје, информираше денеска министерот за здравство Азир Алиу. Тројца од нив се веќе на домашно лекување, а еден е задржан на лекување.

Според информациите од Министерството, хоспитализирана е жителка на селото, која што живее во непосредна близина на складот што се запали. Министерот Алиу вели дека таа е задржана во болница, но е вон животна опасност и дека наскоро ќе биде пуштена дома. Останатите тројца, кои биле третирани амбулантски се директорот на ЦУК и по еден припадник на армијата и полицијата.

„Сите имале симптоми на вртоглавици и кашлица, а и препораките беа доколу има некој такви симптоми да се јават на клиниката“, вели Алиу.

Тој најави дека сите училишта кои се во околина на местото каде што се случи пожарот во следната недела настава ќе следат онлајн. Алиу рече дека Н95 маските кои веќе ги дистрибуираше министерството до локалното население се добри и штитат од потенцијалното загадување предизвикано од пожарот за оние кои се надвор од подрачјето од 400 метри од локацијата.

Од Институтот за јавно здравје информираа дека препораките кои се издадоа вчера се општи, но и дека стандардни за секоја држава кога се соочува со ваков тип на ситуација. Од таму посочуваат дека Институтот прави мониторинг на радијацијата во воздухот и податоците во реално време покажуваат дека нема отстапувања на параметрите. Деновиве ќе се направи и анализа и на почвата и на водата.

INFO