Полските власти синоќа соборија дрон кој летал над клучни владини локации во Варшава, при што се уапсени двајца граѓани на Белорусија.
Како што напиша на социјалната мрежа X полскиот премиер Доналд Туск, Државната служба за безбедност го неутрализирала дронот кој ја надлетувал површината над владините згради во улицата Парков, како и над палатата Белведере која се наоѓа во близина. Уапсени за двајца жители на Белорусија, а полските институции започнале истрага за случајот.
Инцидентот се случува помалку од една недела откако 19 руски дронови беа соборени од страна на полската армија во близина на границата со Украина. Тоа беше окарактеризирано како најсериозен инцидент од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина пред повеќе од 3 години.
Русија негираше дека нивните беспилотни летала го нарушиле воздушниот простор на НАТО алијансата. Но, НАТО сепак започна голема операција за засилување на источното крило на алијансата наречена „Источна стража“ која вклучува преместување на војници и воена опрема.
Во Полска, се чувствува загриженоста дека е можно прелевање на конфликтот од Украина и сè погласни се барањата за затворање на украинското небо, односно северно-атланската алијанса да го обезбеди небото над Украина.
Според руски официјални извори, ваквиот чекор би значел де-факто почеток на војна меѓу Русија и НАТО. Истовремено, Русија и Белорусија одржуваат воени вежби во близина на Минск.
Од Варшава за Мета: Горан Ризаов