Подметнат пожар во сервиси за возила во Пинтија, повторно гореше и Дрисла

Нов пожар се случил ноќеска во два сервиси за возила пред Пинтија, во местото Каменик, во кои имало повеќе автомобили, масла и други запаливи предмети, информираа од Дирекцијата за заштита и спасување. Огнот бил изгаснат во утринските часови, со осум возила на протипожарната бригада.

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски објави снимки од камера во близина на запалените објекти, на која се гледа лице како возилата ги полева со бензин и ги потпалува.

Ѓорѓивески повик на итна акција од МВР и Јавното Обвинителство за, како што рече, да се стави крај на дивеењето со кое се загрозува безбедноста на скопјани и животната средина.
„Во продолжение на неколкудневните пожари во градот, ноќеска во 4 часот беа запалени два сервиси за автомобили во Стаклара. Благодарение на брзата реакција на противпожарната бригада, пожарот е целосно згаснат. Иако има материјална штета, за среќа нема повредени и жртви,“напиша Ѓорѓиевски.

Од ДЗС информираа дека синоќа повторно бил предизвикан нов пожар и во депонијата Дрисла, но на сосема друго место, подалеку од местото кое беше активно претходните денови.

„На лице место веднаш се упатија скопските пожарникари кои започнаа со гаснење но поради спецификата на пожарот беше потребно истовремено затрупување на опожарената површина. Се активираа градежните машини кои веќе беа таму и пожарот беше изгаснат за помалку од еден час“, информира директорот Стојанче Ангелов.

INFO