„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, итно да имаме измени во законите со кои подметнување пожар ќе биде оквалификувано како дело на тероризам, а одлагање на смет онаму каде што не му е местото ќе биде друго кривично дело, кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“, нагласи Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посета на Општина Јегуновце.
Премиерот информира дека уште во текот на вчерашниот ден, Министерството за животна средина испратило допис до сите општини под итно да преземат мерки за расчистување на дивите депонии и сметот да се одложи таму каде што му е место.
„Ги повикувам и несовесните граѓани кои ги формираат овие диви депонии да престанат да ги формираат, затоа што сите оние коишто ќе бидат фатени, ќе бидат најстрого казнети“, апелира Мицкоски.
Премиерот претходно рече дека се идентификувани дваесетина лица за кои постојат основани сомневања дека стојат зад пожарите и оти постојат центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв, паника кај граѓаните во предизборието.
Исто така, денеска Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) даде препорака до општините да спроведат детални контроли и да ги идентификуваат сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и да изготват планови за нивно систематско отстранување.
Од МЖСПП соопштуваат дека нивните очекувања се општините да превземат мерки во насока на унапредување на состојбата со управувањето со отпад и заштитата на животната средина, додека, пак, Државниот инспекторат за животна средина итно да преземе активности поврзани со контролата и управувањето со депониите на територија на целата држава.
„Во таа насока, се препорачува формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, воспоставување соработка со инспекциските служби за утврдување на одговорност, изработка на извештај за состојбата со дивите депонии кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до министерството, како и спроведување информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните за правилно постапување со отпадот“, се наведува во соопштението на МЖСПП.
Државниот инспекторат за животна средина, велат, е задолжен да спроведе вонредна инспекциска контрола на сите постојни депонии и нерегистрирани локации на територијата на државата.
„Контролата треба да опфати проверка дали депониите работат во согласност со издадените дозволи и еколошките стандарди, утврдување на евентуално незаконско депонирање или неправилно управување со отпадот, како и преземање на мерки за санација и санкционирање во случаи на утврдени прекршувања“, велат оттаму.
Активностите, додаваат, се во насока на обезбедување и усогласување со законските обврски, превенција од загадување на животната средина и заштитата на здравјето на граѓаните, со цел создавање чиста, безбедна и одржлива животна средина.