Методологијата за енергетска сиромаштија ќе воспостави јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства како што се ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и ниската енергетска ефикасност на домаќинствата, параметри кои ќе бидат основа за понатамошни годишни програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи. Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираат дека подготвената Методологија е согласност со европските стандарди и со обврските за земјава да воспостави критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија.
Со методологијата, за првпат институциите ќе имаат јасна слика за обемот и структурата на енергетската сиромаштија во земјата, ќе послужи како основа за креирање политики и мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу се соочуваат со тешкотии при обезбедување енергија и ќе придонесе кон усогласување со европските практики и стандарди, како дел од пошироката агенда за енергетска транзиција и социјална одржливост.
Министерството за енергетика подготвува годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде методологијата ќе биде централна алатка за дефинирање на приоритетите и интервенциите.
„Со оваа методологија за првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита,“ истакна министерката Сања Божиновска.