Фирми од Битола и Кичево ќе добијат кредити и грантови за инвестиции во зелена технологија

Компаниите од регионите зафатени со јаглен, Битола и Кичево, ќе добијат наменски кредити и грантови за инвестиции во зелени технологии и оворање на зелени работни места преку Програмата Green & Growth на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Фондот за чиста технологија. Програмата е креирана да го поттикне зелениот раст на регионалните економии во Југозападниот регион на земјата и Пелагонија и е нов финансиски производ, кој за прв пат е креиран за одделни региони. Целта е да се промовираат инвестиции и да се зајакне капацитетот на малите и средни претпријатија и корпоративниот сектор во процесот на зелената трансформација.

Програмата Green & Growth ги комбинира финансирањето преку кредитни линии кои се достапни од ЕБОР преку банките учеснички НЛБ Банка и Шпаркасе Банка, инвестициска поддршка во форма на грант во износ од 10 до 15 отсто од искористеното финансирање, по реализација на проектите, бесплатна техничка помош за финансиските институции и финалните корисници кои што се поддржани од Фондот за чиста технологија и советодавни услуги за малите бизниси.

,,Овој финансиски производ е дел од пошироката Програма за праведна енергетска транзиција која има за цел да и помогне на земјата да ги надмине состојбите на претстојното затворање на централите кои работат на јаглен. Преку Програмата Green & Growth, финансирањето во форма на наменски кредити ќе биде обезбедено на локалните компании од сите големини во Пелагонија и Југозападниот регион, кои се најмногу погодени од ефектите на декарбонизација во земјата“, вели Наум Рибароски, помошник директор во ЕБОР .

Градоначалниот на Кичево, Фатмир Дехари, го истакна значењето на Програмата за поттикнување на зелената економија и истакна дека праведната транзиција се продлабочува со промовирањето на Green & Growth.

,,Зајакнувањето на отпорноста и конкурентноста на регионалните бизниси директно влијае на нашата заедница, преку креирање на нови ,,зелени” работни места, развој на ,,зелени” вештини и подобрување на економската моќ“, вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Програмата Green & Growth е еден чекор напред кон постигнување на целите за декарбонизација на Македонија и праведна транзиција. Преку понудата на достапно финансирање на зелените инвестиции, се стреми кон зајакнување на регионалните бизниси во насока на примена на почисти технологии, подобрување на енергетската ефикасност и поттик на одржлив раст.

INFO