Усвоен законот за енергетска ефикасност, соларните колектори стануваат задолжителни за јавните објекти

Задолжителни соларни колектори при изградба или реконструкција на училишта, градинки и јавни институции, финансиска поддршка за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии, како и стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради во енергетски ефикасни објекти се дел од новините кои ги носи новиот закон за енергетска ефикасност што го усвои Собранието на последната седница.

Како што информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини законот треба да биде рамка што ќе ги проближи македонските практики до европските стандарди и која директно ќе придонесе за пониски сметки за граѓаните, почиста животна средина и отворање на нови зелени работни места.

„Законот обезбедува суштински исчекор во намалување на потрошувачката на енергија, интеграција на обновливи извори и намалување на емисиите на стакленички гасови. Со неговото спроведување ќе се создаде стабилен систем кој ќе ја приближи земјата до европските климатски цели и до концептот на зелена транзиција“, велат од Министерството.

Законот предвидува и воведување на европскиот принцип енергетска ефикасност на прво место и тројно зголемување на заштедата во јавниот сектор со задолжителна реконструкција на најмалку 3 отсто од јавните згради годишно. Предвидени се и високи стандарди во јавните набавки, дигитална транспарентност и професионализација на енергетските контроли, како и вклучување на сертификатите за енергетски карактеристики во Катастарот на недвижности и поттик за меѓуопштинска соработка.

Од Министерството сметаат дека со усвојувањето на овој закон се воспоставува правна, економска и социјална рамка што ги намалува трошоците за граѓаните и бизнисите, ја забрзува интеграцијата на обновливите извори и овозможува креирање на одржлив енергетски систем.

INFO