На 15.09.2025 во 15:30 часот во СВР Велес е пријавено е дека на ул.,,Кочо Рацин“ во Велес е пронајдено женско лице со повреди по телото од остар предмет. На местото излегоа полициски службеници и констатираа дека се работи за Р.К.(31) од Велес, која од Итна медицинска помош е пренесена во болницата во Велес, каде што е констатирана смрт.
На местото е затекнат Ф.Т. од Велес, сегашен партнер на Р.К., кој изјавил дека заедно отишле во домот на нејзиниот татко затоа што не се јавувал, а откако Р.К. ја отворила вратата со остар предмет ја нападнал нејзиниот поранешен партнер, И.С.(39) од Скопје, по што ја заклучил вратата.
После тоа, полициски службеници влегоа во домот и го пронајдоа починат нејзиниот татко К.К.(74) , кој исто така, имал повреди од остар предмет. Во домот со повреди од остар предмет е пронајден и И.С., за кој според првичните информации постои сомнение дека откако ги нападнал двајцата, сам се повредил. Откако е пренесен во болницата во Велес и кај него е констатирана смрт. Увид извршија јавен обвинител во содејство со увидна екипа на СВР Велес и по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Основното јавно обвинителство Велес на 10.04.2025 година против осомничениот поднесе Обвинителен предлог за 2 настани:
-Загрозување на сигурноста од член 144 ст.3 вв ст.1 за настан на 20.02.2025 година
-Насилство од чл. 386 ст.3 вв ст.1 за настан ноќта меѓу 03.03.2025 и 04.03.2025 година со нанесена полесна телесна повреда на партнер на оштетената.
МВР информира дека во врска со Илија Стефановски (39) од Скопје, кој го изврши двојното убиство во Велес, извршени се проверки во евиденциите во СВР Велес во врска со кривично – правни настани пријавени од 31-годишната Р.К. од Велес, при што евидентирано е следното:
Во рамките на оваа постапка, од ОЈО Велес е наредено и психијатриско вештачење на обвинетиот, а вештото лице се произнесе дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената.
На 10.09.2025 година, Основниот суд во Велес, постапувајќи по ова обвинение изрекле пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и му изрекле алтернативна мерка – условна осуда. Притоа со решение му беа укинати другите мерки на претпазливост кои беа на сила во текот на постапката, но на сила до правосилноста на пресудата остана мерката – забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер, определена по барање на обвинителството.
Оваа одлука на судот во Велес само што е примена во ОЈО Велес и обвинителството се уште немаше можност да се произнесе по неа со евентуална жалба.
Во меѓувреме, на 21.05.2025 година оштетената го пријавува обвинетиот во ОЈО Велес и за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитува и продолжува да и испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18.05 се приближил до нејзиниот дом и го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. По оваа пријава, ОЈО Велес ја испита оштетената и на 26.06.2025 година издаде наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видео надзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува.
На 25.03.2025 година оштетената го пријавува осомничениот во ОЈО Скопје за настан случен на 27.12.2024 година, кога за време и по враќање од патување во Р. Бугарија, осомничениот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и и нанел лесна телесна повреда од чл.130 ст.2 од Кривичниот законик. Според наводите од пријавата, оштетената извесен период претходно пријавила и во МВР. Речиси истовремено, и пријавениот поднесува пријава до ОЈО Скопје со која ја товари оштетената дека му поднесува лажни пријави во МВР со цел да му изнуди пари.
Иако настанот во обвинителството беше пријавен три месеци по случување, ОЈО Скопје ја прибави медицинската документација, како и другите докази за целосно испитување на настанот. Врз основа на тоа, обвинителството ја отфрли кривичната пријава за лажно пријавување поднесена од Стефановски, а по пријавата поднесена од Коцева продолжи да постапува. На 09.09.2025 година, оштетената даде исказ во ОЈО Скопје и се изјасни дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот.
Во своето сведоштво Росица Коцева и убиецот Илија Стефановски биле разделени од октомври 2024 година, но и покрај прекинот на врската продолжиле со повремена комуникација. Ова стои во исказот што жртвата го дала во обвинителството, пред да биде извршено двојното убиство и самоубиството кое ја потресе јавноста.
„По завршувањето на обврските во Софија, на враќање кон Скопје, во еден момент настана караница помеѓу нас од причина што истиот бараше повторно да ја обновиме нашата врска, но од моја страна имаше негодување од неговото такво барање, при што во еден момент пробав и да ја отворам вратата од автомобилот, а тој се обрати кон мене со зборовите: ‘или ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва’“, изјавила Росица.
По заканите, таа раскажала дека Илија ја убедувал да ја помине ноќта кај него во Скопје, а таа прифатила, но само ако биде присутен некој од нивните родители. „Сепак, штом пристигнавме во Ѓорче Петров, тој ја повика неговата мајка, но во истиот момент почна со малтретирање кон мене, при што ме удираше по целото тело и ме заклучи во неговиот дом. Не можам да се сетам колку време бев затворена, бидејќи немав телефон ни часовник“, сведочела жртвата.
Според нејзиниот исказ, во текот на ноќта Илија бил насилен и кон својата мајка, која се обидела да помогне. „Ја оттргнуваше од мене со сила, а јас ја молев да повика полиција. Но, и нејзиниот телефон беше одземен, па беше спречена да побара помош“, објаснила Росица пред обвинителот.
Следниот ден, таа успеала да го убеди Илија дека ќе побараат заедничка помош за да ја спасат врската. Тој се согласил и ја ослободил. Неколку дена подоцна, таа го пријавила случајот во полициската станица во Ѓорче Петров, а оттаму била препратена во Кисела Вода. Поради траумите и повредите, се јавила и во Ургентниот центар во Велес.
Ова сведоштво открива колку била загрозена безбедноста на Коцева пред трагичниот епилог и уште еднаш го отвора прашањето за институционалната заштита на жртвите на семејно и партнерско насилство.