Накарада: ЕУ не е сè или ништо за Западен Балкан – или ќе завршиме во Унијата, или ќе создадеме попристојни општества

Дали живееме во време кога биполарниот свет е историја, униполарноста не сака да ги отстапи „стекнатите“ привилегии, а мултилатерализмот се претставува како закана за мирот?

– Не би се согласила целосно со таквото видување. Секако, за секоја поединечна форма има мислења, кои величаат и застапуваат една позиција на штета на другата. Секако, за да се случи оној униполарен момент, како што го нарекуваа по завршувањето на Студената војна, кога САД беа единствена голема сила на глобалната сцена, тоа се изедначуваше како еден вид на победа на либералниот поредок. Односно дека САД, за разлика од сите други големи сили во историјата се всушност тука за да останат засекогаш, како заштитник на мирот, стабилноста и просперитетот – за кои апстрактно се говореше. Секако во реалноста беше поинаку и ние завршивме, како што велат некои, со едно продолжение на Студената војна, зашто на тој пад на Советскиот Сојуз не се реагираше воопшто конструктивно. Европа не го изгради својот безбедносен поредок така што Советскиот Сојуз, т.е. Русија би ги инкорпорирала во него и да се постигне во Европа еден поредок без ѕидови и поделби. На сите гестови од Русија, кои од некој аспект беа можеби и крајно наивни, во насока на пристапување кон Западот – Путин во 2004 рече дури дека Русија би сакала да стане членка на НАТО – на сè одговорите беа ‘не, не и не’. А паралелно со тоа, ветувањата кои беа дадени, во смисла на непроширување на НАТО, не се одржаа, додека постепено се покрена и таа машинерија од внатре во Украина и погрешниот одговор на тоа (според моето мислење) на Русија, заедно со овие провокации не доведе во ситуација, денес да имаме повеќе конфликти од кога било по Втората светска војна. Навистина, Кина не војува со никого, но дека има една општа милитаризација, дека сите се вооружуваат, дека огромни пари се трошат, дека Обединетите нации се маргинализирани…, тоа не е резултат на тоа дека една сила не владее со светот, туку зашто не е создаден еден поредок кој почива на меѓународното право и почитување на Повелбата на Обединетите Нации. Антагонизмот на меѓусебно загрозување се обнови, така што вината е забележливо распоредена и не е еднаква, но далеку сме од тоа и униполарниот и мултиполарниот свет да ги прифатиме како задоволителен врз основа на оние премиси на кој е воспоставен. Тоа не беше среќа за нас.

Колку актуелните оружени или воени конфликти (Украина, Блискиот Исток) се резултат на судирот на овие концепции за доминација на некоја „поларност“ во геополитиката?

– Соединетите Американски Држави долги години правеа листа на свои непријатели. Дури и кога Кина беше на многу пониско ниво на развојот, а Русија беше многу отворена спрема Западот, тие фигурираа како непријатели. Моментално, Кина е најголем непријател на САД, барем така велат. Зошто? Пред сè, поради нејзиниот економски развој, зашто некаков вид на агресивна кинеска политика спрема САД – нема. Кина има решено да освојува пазари, а не територии. Го направи оној грандиозен проект – Патот на свилата. Таа го загрозува американскиот примат, кој сè уште постои во воена смисла, но економски САД се чувствуваат загрозени од напредокот на Кина. Не гледам како може да се каже дека овие, актуелни војни се резултат од некои територијални или геополитички аспирации на сите овие големи актери на меѓународната сцена. Особено, овој конфликт на Блискиот Исток, кој е стар конфликт, предизвикан од стар сојузник (Израел), поддржан безусловно од САД, и кому никој не може да му застане на патот. Ниту Обединетите Нации, ниту меѓународните судови, ниту силните протести… А САД, кои можеби единствени имаат влијание врз Израел, не го користат тоа, зашто очигледно и на САД им е важно да го продлабочат своето влијание во тој регион. Од друга страна, тоа е и реплика… Мислам дека постои еден темелен крах на меѓународното право и сега тој се гледа во регионалните односи. Секој секого надгледува. Турција малку ја бомбардира Сирија… Сите, „случајно“ го ракетираат Катар… И „никому ништо“… Се гледа дека сите норми се целосно без дејство. Сега се гледаат само голите интереси на дело. Во тој контекст на крахот на меѓународното право, е и онаа идеја од Газа, после сите масакри, да се прави некаква ривиера. Можеби е непримерно што во контекст на една трагедија го употребив зборот „перверзно“, но секако идејата за ривиера е врв на едно лицемерство и цинизам, кој го достигнавме.

Имате ли впечаток дека Западот (пред се ЕУ) е исплашен, или да речеме збунет од мултиполарноста и од паника дејствува „самоодбранбено“, наместо да бара модалитети за соработка?

– На едно ниво, ме запрепастува однесувањето на Европската Унија и тоа од две причини. Првата, зашто ја заборавила својата историја и одговорноста што ја има, за војните и колонијализмот чиешто семе сè уште го обележува овој свет. А од друга страна, заборава дека кога се конституираше Европската економска заедница, себеси се дефинираше како мировен проект. Тоа е некакво наследство. Добија и Нобелова награда за мир. Кога би требало да се преведе оној слоган „никогаш повеќе“, би значело – никогаш повеќе војни на европско почва и дека Европската Унија ќе биде посветена на тоа. Меѓутоа, во цела патека на настани кои доведоа до војната во Украина, можеше да има поинаква улога – сериозна посредничка улога, ако беше решена да ја спречи војната. Наместо тоа, сега екстремно се милитаризира и сега веќе доживува сериозни економски удари. Предвидувањата се дека и најсилната економија, Германија ќе плати голема цена за овој пресврт со прелевање на толку многу пари во воени цели. И сега, сите се однесуваат како да се подготвуваат за војна со Русија. Тоа воопшто не изгледа историски интелигентно.

Се чини дека на Запад, мултиполаризмот се перцепира како тенденција, пред сè на Русија и Кина, да ја преземат геополитичката „игра“ на економски, политички, а најмногу на воен план. Дали ваквата перцепција има основа и дали актуелните оружени конфликти ја контаминираа идејата за мултиполаризам?

– Мислам дека Русија не е закана за Европската Унија. Ако се сеќавате, кога ја започна Русија, како што ја нарекуваат „интервенцијата“ во Украина, во првите денови не се снајде баш најдобро, кога тенковите беа заглавени. Тогаш во ЕУ ја исмејуваа и говореа дека е „тигар од хартија“ и дека воопшто не е таква голема сила како што се прикажува. Откако се реорганизираше (секако по ужасна цена и многу жртви, што секако не е добро ни за Русија), одеднаш стана велесила, која ќе ги нападне сите земји, од кои некои се и нуклеарни сили. Но Русија говори дека неа не ја интересираат територии. Веќе има премногу територија, со премалку население, па тоа и не и е некоја геостратегиска цел. Нејзината цел е да го заштити руското малцинство во Украина. Не ја сака ниту цела Украина, туку можеби тој источниот дел, каде што живее тоа руско малцинство, што ги има изгубено малцинските права. Но ми се чини, кога на Русија би ѝ се дала можност да преговара, би покажала подготвеност со Европската Унија да воспостави, колку-толку пристојни односи, а не да ја освојува. Но сега некоја ирационалност е „откачена“ на двете страни. Сите прават некои воени вежби, на границите едни покрај други. Тука недостасува само едно чкорче, еден инцидент за да испорача голема неволја во светот.

Покрај сè, и тоа што велите дека недостасува „едно чкорче“, постојат и перцепции дека и покрај „воените игри“, како да е тоа контролирана војна. Може ли тоа чкорче да ги урне сите тие перцепции и теории за контролирана војна?        

– По многу нешта, оваа војна припаѓа на новиот вид војни, пред сè според новите видови на оружје што се користи (најмногу дроновите), но во историјата на војните, досега не се покажало дека страните не се излажале во своите процени. Еден американскиот историчар има напишано книга, во која кажува дека почетокот на Втората светска војна, и сојузниците и Германија сметале дека војната ќе трае три до четири месеци. Такви погрешни поцени има колку што сакате. Мислам дека и сега се многу можни погрешни пресметки и некој да предизвика нешто за што немал намера. Но истовремено, сигурно има и такви интереси на кои би им одговарало да се распламти војна во Европа. Европа се чувствува непријатно во оваа позиција во која се најде, зашто ја нема онаа глобална тежина што мислеше дека ќе ја има, или која дури и постоеше порано. Сега нејзините акции некако паднаа и во тоа не се снаоѓа како некој кој би го обновил и збогатил и својот мировен проект, туку мисли дека треба да стане некоја воена велесила, па така повторно ќе избие во првите редови.

Државите, ставени во „заедничкиот кош“, наречен Западен Балкан и покрај сите непринципиелности и посебни услови на Брисел кон нив, надвор од Копенхагенските критериуми, и понатаму формално–правно не се откажуваат од кандидатскиот статус и однос со Европската Унија. Дали оваа „неформална врска“ со ЕУ е ограничувачки фактор за земјите од Западен Балкан да го изразат својот став за мултиполаризмот како опција што би сакале да ја разгледаат?

– Европа не е воздржана спрема мултилатерализмот, зашто тогаш би ги довела во прашање и сопствените позиции. Не би можела да биде прва и единствена сила, туку би била ограничена со тоа што Кина избива на некое место кое ниту на неа (на ЕУ) не ѝ се допаѓа. Се знае дека Русија економски заостанува и дека има многу внатрешни проблеми, но сепак е нуклеарна сила, така што повеќе тоа не е веќе игра на „големиот шеф“ САД и неговиот најблизок партнер, Европа. Дури и тие односи имаат свои тензии, изразени преку трговската војна со царини. Во овој свет кој се усложнува (расте моќта на Бразил, Нигерија, Индија), тоа веќе не е свет во кој една сила ќе надвладее. А какви сојузи ќе се направат, е некое друго прашање. Мислам дека ние, на Западниот Балкан сме во некоја повеќекратна позиција. Ние постојано сме како некој „неевропски дел“ на Европа, и нè сакаат – и не нè сакаат, но тоа ни овозможува пак да имаме односи кои наликуваат на она што беше неврзаноста. Европската Унија е некое природно опкружување, тука сме географски и историски лоцирани, но по својот периферен статус делиме многу проблеми и со другите држави, така што нам и Кина ни е интересна… Всушност, би било одлично да имаме добри односи со колку може повеќе држави во светот. Така што ние би можеле да играме на таа „карта“. Ако не е ситуацијата таква, што речиси на дневно ниво нè предизвикуваат и притискаат да се определиме, кога ние во регионот би воспоставиле некаков вид на регионална политика која на сите би ни одговарала, тогаш потешко би можеле да бидеме под тој притисок. Но како што сите сме со внатрешни проблеми и во меѓусебните односи, полесно е да бидеме објект на притисок од ЕУ.

Какви се изгледите за правда на малите народи, според  меѓународното право, како право на самоопределување на народите и сувереност на државите, во ситуација кога големите сили се повикуваат на него, само кога ним им одговара, за нивните интереси?

– За жал, не се големи шансите на малите народи со меѓународното право. Сè зависи колку тоа се коси со интересите на оние кои најмногу влијаат и одлучуваат за светските текови. Обединетите Нации веројатно никогаш не биле понемоќни, а сега ништо освен изјавите на генералниот секретар не можете да слушнете. Не можете да слушнете за некоја акција која би била ефикасна. Мислам дека сме сведоци на еден нормативен слом и само од волјата на силните некои норми ќе се потврдуваат и применуваат – и тоа повеќе во казнена, отколку во заштитничка смисла. Мислам дека картите се многу лошо поделени, за меѓународното право да не може да послужи на целта за која е наменето – дека сите држави се еднакви според правото и дека неговата моќ е задолжителна.

Сметате ли дека како земји од Западен Балкан, Македонија, Србија и другите од регионот, некогаш ќе влеземе во Европската Унија?

– Тоа станува сè поинтересно и повеќезначно прашање. Од една страна ги имате оние кое велат дека начинот на кој ЕУ сега се однесува говори всушност за нејзиниот крах, па се чини дека на долг рок таа и нема да постои – така што дилемата сама по себе ќе ни се развива. Други пак велат дека воопшто не е добро да бидеме членки на ЕУ, дека е подобро да не бидеме и секако третите, кои се поддржувачи на идејата за ЕУ. Лично, имам впечаток дека тоа во некоја блиска иднина не е реална пропозиција. Многу зависи од тоа што ќе се случува во општествата на земјите во Европската Унија. Постои процес на јакнење на десницата, која има голем отпор Европската Унија да се шири, така што ЕУ нема да се охрабри поради сопствените внатрешни политички односи пребрзо да преземе такви чекори. Ќе влијае и тоа дали и каков економски слом ќе се случи, и каде ќе ја одведе Европа целата оваа приказна за подготовка за војна. Мислам дека во некоја блиска иднина проширувањето на ЕУ нема да биде реално. Но не треба ние поради тоа да страдаме. Имаме многу работа што можеме сами да ја направиме, да ги уредиме нашите општества, да ги уредиме своите односи, да размислиме за некои опции за кои не сме размислувале. Да ги применуваме оние закони и норми кои ЕУ ги создала, кои се вредни и заслужуваат да бидат применети. Не е ситуацијата сè или ништо, дека ако не нè примат во ЕУ – ние ќе потонеме. Не мора да потонеме, можеме и сами да осмислиме некоја своја патека, која може да заврши и со влез во Европска Унија. А ако не заврши така, сепак да си создадеме некои попристојни општества.

Верувате ли во мирен исход од „мерењето на силите“ на различните концепции за доминација во геополитиката? 

– Неизвесноста за мирот е огромна. Постои некоја инерција на насилство, кои раѓа друго насилство. Во тој некој виор се изнаоѓаат изговори за судирите да се продолжуваат, или се превидуваат. Една од најлошите хуманитарни кризи се случува во Судан. Повторно генералниот секретар на ОН ја нарече најлоша, од аспект на бројот на раселени луѓе, од аспект на хуманитарната ситуација на глад и колера. Дали некој на светов се грижи за тоа? Речиси никој, едвај да може нешто и да се прочита во медиумите за Судан. Има многу и разни видови на насилство, а гласовите на мирот се многу слаби. Се чини сега е потребен еден глас кој би можел да каже – да запреме, или како вид ќе исчезнеме! Зашто станува збор навистина за опстанок, со сето ова оружје со кое човештвото располага. Сите се надеваме дека тоа е толку неприфатлива варијанта, и дека во последен миг ќе запре. Со сето оружје и неодговорна светска елита, изложени сме на голема опасност.

INFO