Воената парада „Сила на единството“, што денеска се одржа на Нов Белград, ги покажа најновите воени капацитети на Србија, но и предизвика остри реакции поради ограничениот пристап за дел од граѓаните и обвинувања за политичка инструментализација, објави ТВ Н1.
Иако српските власти порачаа дека парадата е наменета за целата јавност, граѓани од Белград, вклучително и студентите во блокада, беа задржани од полицијата и жандармеријата во близина на Палатата Србија. Граѓаните кои беа доведени со автобуси од други градови имаа непречен пристап до парадата.
Во рамки на парадата беа прикажани и два борбени авиони „Рафал“ од Франција, кои се дел од новонарачаната опрема. Авионите не слетаа во Србија, туку веднаш по прелетот се вратија во Франција.
Според воениот аналитичар Александар Радиќ, парадата ја засени „силната полициска контрола“ и нејзиниот карактер бил повеќе „парада на партијата на власт, отколку на народот“. Тој предупреди дека биле спречени и некои медиумски известувачи и набљудувачи да присуствуваат, што според него ја нарушува транспарентноста и јавниот карактер на ваков настан.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по парадата порача дека настанот претставува „опстанок и победа на Србија“ и дека тој е резултат на заеднички труд на државата и народот. Но, опозицијата ова го нарече „пропаганден театар“.
Лидерот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, оцени дека „празникот на државното знаме“, што се одбележува со парадата, е уште еден пример за „понижување на државата од страна на власта“. Тој истакна дека парадата се одржала без присуство на странски државници, освен еден гостин од Блискиот Исток, што според него ја покажува изолацијата на српскиот претседател на меѓународен план.
Слични ставови изрази и Сава Манојловиќ од движењето „Крени-Промени“, кој порача дека власта се обидува да го пренасочи гневот на граѓаните од претседателот кон институциите како војската и полицијата. Тој оцени дека граѓаните покажале зрелост, поздравувајќи ја војската, но протестирајќи против, како што рече, „власта која ја узурпира државата“.
Еден од најконтроверзните моменти беше симулацијата во која специјалната единица „Кобри“ симулираше напад врз заштитена личност од страна на човек облечен во жолт елек, симбол кој во јавноста се поврзува со студентските протести. Од Движењето на слободни граѓани реагираа дека станува збор за „јасна политичка порака“.