Со претставата „Марта Верина“ во режија на Нина Николиќ и според текст на Драгана Лукан, Македонскиот народен театар ќе се натпреварува за награда на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“, кој ќе се одржи во Гостивар од 22 до 27 септември.
„Марта Верина“ ќе биде изведена на 25 септември во 20 часот на големата сцена во Центарот за култура во Гостивар. Влезот за претставата е бесплатен.
На фестивалот ќе се натпреваруваат шест претстави во категориите: најдобра претстава, најдобра актерка и најдобар актер. За наградите ќе одлучува тричлено стручно жири.
„Меѓународниот театарски фестивал „Отело“ во Гостивар, чија приказна започнува пред речиси една деценија, претставува крик за театар, култура и уметност на локалната заедница. Реализиран преку ентузијазмот на членовите на Здружението за култура и уметност „Отело“, фестивалот во изминативе години успеа да се позиционира како релевантен во регионот и во Македонија. Ако се земе предвид дека на отворањето на првото фестивалско издание, половина од заинтересираните гледачи останале пред театарот, бидејќи гледалиштето на гостиварскиот дом веќе било преполно, можеме да бидеме сигурни дека учеството на „Отело“ претставува чест, но и голема одговорност. Играњето онаму каде што театарот е реткост е неверојатна привилегија за мене како режисерка, зашто токму таму гледаме колку е значајна нашата работа и колку театарот може да менува перцепции, ставови, па дури и животи во одредени ситуации“ – истакнува Николиќ.
За драмскиот текст на Драгана Лукан, режисерката вели дека има силна драмска структура и дека обработува длабоко интимни теми, кои говорат за скриените трауми, стравови и копнежи на современиот човек. Истовремено, нагласува дека делото отвора важни прашања во врска со слободата и правата на жените, за кои сите ние денес сме должни гласно да зборуваме.
„Марта Верина“ е приказна за жена што поради своите „погрешни“ избори не му припаѓа на општеството и мора да живее со товарот на „грешката“ што ја направила. Напишана низ „клучалка“, со реплики „украдени“ од реалноста, таа го прикажува животот зад затворените врати, на моменти со непријатна интимност со која гледачот се соочува од позиција на воајер. Ликовите во неа сите ги познаваме – ги среќаваме секој ден, ги сакаме или ги мразиме. Тие не се црно-бели, ги имаат сите тонови на спектарот и истовремено се ужасно во право и ужасно грешат.