Граѓаните наскоро ќе можат личната карта и возачката дозвола да ги имаат во електронска форма на својот мобилен телефон. Новата државна апликација „м.Услуги“ веќе се тестира, а нејзината официјална промоција е најавена за октомври.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информираше дека апликацијата е подготвена и дека во првата фаза ќе понуди електронска лична карта, електронска возачка дозвола и неколку услуги од јавната администрација.
Целта е „м.Услуги“ постепено да ги обедини електронските документи и услугите поврзани со државата на едно место, наместо граѓаните да користат повеќе различни апликации и системи.
Според Андоновски, користењето на апликацијата нема да биде задолжително. Оние кои нема да сакаат да ја користат ќе можат и понатаму да се идентификуваат со физичките документи. Преземањето и користењето на апликацијата ќе биде бесплатно.
Апликацијата е развиена во рамки на проект вреден 1,5 милиони евра, реализиран во соработка со надлежните институции од Полска и Украина и со поддршка од Европската Унија. Според министерот, проектот не е финансиран од државниот буџет.
„м.Услуги“, како што посочи Андоновски, е изработена од македонски инженери и претставува македонски производ кој останува во сопственост на државата.
Со воведувањето на електронските документи се отвора и прашањето за нивното прифаќање од страна на институциите. Андоновски вели дека сè уште постојат институции кои одбиваат електронски документи, иако имаат законска обврска да ги прифаќаат.