Претставата „Снег” во режија на Зоја Бузалковска, продукција на организаторите на фестивалот „Штрих”, ќе го отвори првиот фестивал „Under 600″ – фестивалот што ги обединува независните театри од Западен Балкан (поддржан од British Council), на 25 септември во 19:00 часот во сала 25 мај на Младинскиот културен центар во Скопје.
Under 600 е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), финансиран од Европската унија, кој има за цел да го подобри дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културниот и креативниот сектор, како и развој на потенцијалот на секторот за социо-економско влијание во овој регион
„Снег” зборува за себепотрагата и за љубовта. Таа го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику стихови. На тоа необично патување до разгатнувањето на тајните на уметничката креација, Јуко открива прекрасна, љубовна историја, нежна и суптилна, која засекогаш ќе го промени неговиот живот. За јапонската култура македонската публика знае многу малку, а јапонските прозни и драмски дела се ретко поставувани на македонската театарска сцена. Иако прекрасната новела „Снег” е дело на францускиот автор Максанс Фермин, таа во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла. Освен тоа, таа е новела-мост помеѓу двете култури, онаа на Далечниот Исток и онаа на Западот.
Во таа смисла, работата на еден ваков материјал е огромна провокација за целиот креативен и актерски тим, зашто подразбира истражување и учење на култура која е тотално различна од нашата, како и усвојување на низа вештини, потребни за да се раскаже оваа толку необична бајковидна приказна.
Автор: Максанс Фермин
Режија: Зоја Бузалковска
Превод од француски јазик: Владимир Мартиновски
Извршен продуцент: Андреа Маркоска
Сценографија: Ненад Тонкин
Костимографија: Роза Трајчевска
Композитор на музика: Давид Ангелевски
Бушидо култура и сценски движења: Иванчо Горјанин
Консултант за јапонска култура и јазик: Chie Nagashima
Асистенти на режија: Бојана Василевска и Моника Ставревска
Дизајн на плакат и програма: Румена Најчевска и Павле Игновски
Техничка поддршка: Павле Игновски
Играат: Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Александар Степанулески, Јанка Лефкова, Ава Хусеини, Лазар Христов, Нела Павловска, Мартин Мазнев.