Пријавениот Б.Ц., извршувајќи ја функцијата директор на установата, и пријавениот В.М., извршувајќи ја функцијата вршител на должноста директор на установата, злоупотребувајќи ја и искористувајќи ја својата службена положба, во повеќе наврати постапиле спротивно на член 70 од Правилникот за куќен ред за осудените лица кои издржуваат казна затор во казнено-поправната установа, односно издале решенија за одредени осудени лица да користат определени погодности, без да биде спроведена постапка која според правилникот треба да се спроведе пред издавање на такви решенија. На ваков начин, Б.Ц. во три случаи на едно лице му овозможил краткотраен излез од установата. Пријавениот В.М., во 32 наврати на седум лица им овозможил краткотраен излез од установата, а во два наврати на две осудени лица им овозможил користење на годишен одмор без да ги исполнуваат пропишаните услови. Исто така, В.М. на четири лица им овозможил распоредување од полуотворено во отворено одделение во установата и покрај тоа што не ги исполнувале условите.
Пријавениот В.Т., заповедник во Затвор Струмица, од пријавениот В.М. добил писмено овластување да врши работи од областа на ресоцијализација, без да поседува соодветно образование за тоа работно место, а притоа продолжил истовремено да ја раководи и Затворската полиција, односно да извршува работи на две различни работни места кои се исклучително важни и одговорни и кои се неспоиви.