Општина Аеродром и Град Скопје поднеле кривични пријави поврзани со работата на ЈП „Комунална хигиена“.
Од Аеродром информираат дека поднеле пријава против претпријатието поради тоа што од 15 септември отпадот во општината не е собран.
„На повеќе локации во општината комуналниот отпад не е собран во и околу садовите со што се загрозува животната средина, односно средината во која се движат луѓето. Поради ненавременото собирање на отпадот од домаќинствата секојдневно има исцедок од садовите за смет од кој се шири непријатна миризба, а се нагрдува и просторот“, стои во кривичната пријава на Општина Аеродром.
Град Скопје поднесе кривична пријава против Јулијана Спироска, претседателка на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“. Во пријавата се наведува дека во периодот од 2022 година до денес претпријатието континуирано не ја спроведува својата основна дејност, одржување на хигиената на подрачјето на градот.
„Поради неа и нејзините политички мотивирани опструкции повеќе од 3 години претпријатието е нефункционално“, велат од Град Скопје.