Авиопревозникот „Виз ер“ од денеска воведува нова авиолинија од Меѓународниот Аеродром Скопјe до Штутгарт, соопшти ТАВ Македонија.
Авиокомпанијата ќе лета од Скопјe до Штутгарт 3 пати неделно, секој понеделник, среда и петок. Во текот на летниот распоред на летови на аеродромот во Скопјe, односно до 24 октомври, времето на полетување од Меѓународниот Аеродром Скопјe во понеделник и петок е 06:25 часот, додека времето на пристигнување во Штутгарт е 11:10 часот по локално време. Во среда, патниците ќе полетуваат во 06:30 часот, а ќе слетуваат во 11:10 часот по локално време.
Во зимската сезона, патувањата ќе се одвиваат во понеделник, среда и петок, но сите летови со исти времиња на полетување и следување, односно 06:30 часот со 11:30 часот по локално време.
Со додавањето на Штутгарт на мапата на рути на Меѓународниот Аеродром Скопјe, Виз ер има вкупно 9 рути до 9 градови во Германија: Штутгарт, Берлин, Дортмунд, Баден-Баден, Фридрихсхафен, Хамбург, Франкфурт-Хан, Минхен-Меминген и Нирнберг.
„Штутгард е една од ретките дестинации која има понуда за сечиј вкус. Со директните редовни летови љубителите на автомобилската индустрија сега ќе можат одблизу да ги видат седиштата и музеите на два легендарни бренда, Мерцедес-Бенц и Порше, локации што привлекуваат многу посетители секоја година. Штутгарт е еден од ретките градови во Германија со лозја што продираат длабоко во урбаната средина, а неговиот фестивал на вино е познат на национално ниво. Покрај фестивалот на виното, градот го организира и Cannstatter Volksfest, вториот најголем фестивал во Германија по Октоберфест“, велат од ТАВ Македонија.