Уставниот суд на 15 октомври ќе ја разгледува иницијативата на Левица со која партијата го оспорува Упатството на ААВМУ за платено политичко рекламирање во пресрет на локалните избори. Седницата е закажана само два дена пред почетокот на изборниот молк за Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври.
Уставниот суд вчера соопшти дека ја прифатил иницијативата и оформил предмет под број УЗ. 70/2025. Од таму појаснуваат дека се собираат податоци неопходни за одлучување за поведување постапка, согласно член 28 од Актот на Уставниот суд.
Левица, покрај иницијативата, доставила и барање за донесување времена мерка со која би се стопирало спроведувањето на упатството на ААВМУ.
Од судот посочуваат дека предметите со ознака УЗ се однесуваат на оценување на уставноста и законитоста на прописи или колективни договори.