Уставниот суд на Република Северна Македонија не поведе постапка по иницијативата на политичката партија Левица за поништување на Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Одлуката, донесена едногласно на 21. седница на Судот, ја образложи претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, кој на денешната прес-конференција изјави дека Судот ценел три клучни околности: времето на поднесувањето на иницијативата, моментот на одлучување и досегашната уставно-судска практика.
„Судот одлучи да не поведе постапка, едногласна беше одлуката. Три околности беа релевантни за Уставниот суд да ја донесе оваа одлука. Подносителот на иницијативата на 29 септември 2025 година го оспори Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година. Околност што ја ценеше Судот, беше тајмингот за одлучувањето по овој предмет и трета околност беше уставно-судската практика“, изјави Костадиновски.
Тој објасни дека упатството е подзаконски акт што не може да го измени законот и дека Агенцијата постапила во целосна согласност со своите надлежности.
„Ова упатство не е ништо друго освен пресликување на законската одредба. АВМУ, доколку постапела како што предлага подносителот на иницијативата, односно минутажата да биде распределена на трите пратенички групи од власта и трите што се во опозиција, во тој случај би ги пречекорила своите законски овластувања,“ рече претседателот на Судот.
Костадиновски посочи дека Агенцијата била должна да го донесе упатството, затоа што тоа е втемелено на членот 75-ѓ од Изборниот законик и „само ја операционализира законската одредба“.
„Тоа значи дека нема никаков проблем со законитоста на ова упатство“, истакна тој.
Во своето излагање, Костадиновски потсети дека Уставниот суд и во 2022 година веќе ја разгледувал уставноста на истиот член од Изборниот законик, кога одлучил да не поведе постапка.
„Сега повторно истиот подносител на иницијативата го оспорува членот 75-ѓ. Јас сум еден од судиите кои тогаш не мислеле како мнозинството и имам издвоено мислење. Не можам да прејудицирам каква ќе биде одлуката на Судот по новата иницијатива за истиот член, но би бил среќен доколку моето издвоено мислење стане мнозинско“, додаде Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд укажа и дека Судот морал да го земе предвид времето на донесување на одлуката само два дена пред изборниот молк.
„Судот ги зема сите можни последици од одлучувањето. За волја на вистината, подносителот на иницијативата како добар познавач на правото имал четири години можност да иницира законодавна акција, тој е и пратеник, да предложи измени и дополнувања на ИЗ, да предложи како ќе се надополнува минутажата одредена со законот“, изјави тој.
Костадиновски испрати и личен апел до лидерот на Левица, потенцирајќи дека како пратеник и професор треба да покаже „поголема политичка, правна и академска култура“.
„Тој често користи несоодветен и некоректен речник, квалификувајќи ги постапките на Уставниот суд. Некогаш кога е задоволен од одлуките е во ред, некогаш не е во ред, меѓутоа кога станува збор за професор, претеник треба да покаже едно повисоко ниво на една правна, политичка па и академска култура“, порача тој.
Иако Судот не ја прифати иницијативата на Левица, Костадиновски лично изрази став дека прашањето за финансирањето на кампањите од јавни средства е „суштински проблематично“.
„Јас мислам дека со народни пари премногу се плаќаат политичарите, им се плаќа политичката кампања со буџетски пари, со Законот за финансирање на политички партии откако ќе завршат изборите по број на освоени гласови повторно со буџетски пари се плаќа, тие што се власт, тие што се опозиција земаат плати трипати со буџетски пари и откако ќе заврши мандатот некои функционери имаат право на апанажа, тоа се четири пати. Јас од тој аспект како судија го имам проблематизирано прашањето дали постои легитимна цел, дали е оправдано, дали е нужно?“, изјави тој.
Со оваа одлука, Уставниот суд ја потврди линијата на претходните решенија на Основниот граѓански суд и Управниот суд, кои исто така ја отфрлија тужбата на Левица против АВМУ и барањето за привремена мерка со која ќе се стопира примената на Упатството и доставувањето на извештаите за платено политичко рекламирање до Државната изборна комисија.
Спорот што Левица го отвори со АВМУ се однесува на моделот на распределба на времето за платено политичко рекламирање, кој според Изборниот законик 90 проценти од буџетските средства ги доделува рамноправно на двете најголеми партии од власта и опозицијата, а само три проценти на вонпарламентарните и независните кандидати. Левица тврди дека ваквата формула создава нерамноправни услови за политичка промоција и бара нејзина измена.