Македонија ќе добие 600.000 евра грант од Француската агенција за развој (АФД) за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа на МЕПСО. Со средствата ќе треба да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за зголемениот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.
Договорот за грант меѓу МЕПСО и АФД беше потпишан денеска во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Проектот за модернизација е фокусиран на четири клучни области, изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор АНТАРЕС, димензионирање на системските резерви, воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост, како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.
Од Министсерството информираат дека во рамките на проектот, експерти од РТЕ Интернационал, подружница на францускиот оператор на преносниот систем РТЕ веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот АНТАРЕС, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.
Министерката Сања Божиновска рече дека понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот, без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност.
Вероника Милевски, извршна директорка на РТЕ Интернационал рече дека договорот обединува напредно моделирање на електроенергетскиот систем, иновативно предвидување на резервите со користење на вештачка интелигенција и пилот-проект за дигитализација на трафостаница од 110 kV – одлучувачки чекор кон поотпорна, потранспарентна и поконкурентна електроенергетска мрежа.