На само три дена пред локалните избори во Македонија, во рамки на својата балканска турнеја, претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен се сретна со премиерот Христијан Мицкоски, зад затворени врати.
По средбата, немаше изјави за медиумите. Од Владата испратија кусо соопштение во кое информираа за посетата и велат дека на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
„Посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата“, се вели во соопштението.
We remain fully behind North Macedonia on its EU path.
You can count on us.
The next and only step before the opening of the negotiations is clear.
You need to make the agreed constitutional change.
The ball is in your court. The EU is ready. pic.twitter.com/s890meaZLP
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 15, 2025
Иако во Скопје немаше изјави за медиумите, по средбата, претседателката на ЕК на социјалната мрежа X напиша дека комисијата целосно ја поддржува земјата на нејзиниот пат кон ЕУ, но потребно е да се направи промената на Уставот.
„Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша фон дер Лајен.
Таа додаде дека со Планот за раст, во меѓувреме, земјата ќе се приближи до ЕУ.
„Отвораме антена за фабрика за вештачка интелигенција во Скопје. Ве вклучуваме во Единствената платежна зона на Европа. И исплаќаме 16 милиони евра благодарение на реформите што ги направивте“, напиша Фон дер Лајен.