Додека контејнерите прелеваат ИЈЗ советува: Фрлајте ѓубре со КН95 и ракавици

Кога се фрла отпад, треба да се користат ракавици, маска КН95, да се мијат раце отпосле и да се користи дезинфициенс, препорачаа денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), по катастрофата што ја снајде главниот град со преполните со ѓубре контејнери, паркови, тротоари, велосипедски патеки.

Препораката за миење раце иако е општо позната, денеска беше повторена од лекари во ИЈЗ. Епидемиологот Драган Кочински, кажа со кои болести е соочено населението.

„Цревни заразни заболувања, вектор-преносливи болести кои може да се пренесат преку муви и комарци и болести што ги пренесуваат глодарите. Овде се и салмонелози гастроентероколити. Засега немаме пораст на вакви случаи. Глодарите може да пренесат туларемија, хеморагична треска, лептоспироза – овие болести веќе сме ги регистрирале и може да се зголемат во овој период. Сè додека има услови за размножување на глодарите, ќе се зголемува нивната популацијата, а тоа е ризик за ширење на болести“, рече Кочински.

Д-р Мирјана Димовска кажа дека целта е заштитата на јавното здравје.

„Во фокусот ни се децата, постарите лица, хронично болните и бремени жени кои се највулнерабилни кои се најчувствителни на овој хазард. Имавме случај со каснување на дете од глодар, и оттаму е апелот до институциите да си ја работат работата и да спречат поставување контејнери до училишта или здравствени институции, кои треба да имаат посебни услови за работа и опстојување. Училиштата треба да постават дезинфекциски бариери пред праговите на училиштата, а децата редовно да ги мијат рацете. Директорите да постават и слики адаптирани на возраста како правилно се мијат раце. Ако некој дојде во контакт со исцедокот од контејнерите, без оглед на возраста, да измие раце. Мерките се и индивидуални и колективни. Треба висока свест, но и менаџирање со отпадот. И потребно е конечно да се воведе селекција во нашите домови, органскиот и нерганскиот отпад не треба да одат во иста ќеса“, вели Димовска.

Директорката на Институтот, Марија Андоновска кажа дека во овие услови кога Комунална хигиена не си ги врши обврските, во чистењето вклучени се и други општини за да може да се тргне отпадот кој го има.

„Во вторникот Владата донесе задолжение, задолжи институции ИЈЗ и МВР, Државен комунален инспекторат, Државен санитарен и здравствен инспекторат да бидат група која ќе ги разгледа состојбите со отпадот. Во средата, претставници на сите овие институции беа на состанок и добивме насоки во рамки на нашите надлежности да постапиме. Во текот на истиот ден добивме сите институции од Обвинителството конкретна насока која се однеува на секоја институција посебно. Денеска постапивме по сите записници кои ги добивме од инспекциските служби кои направиле увид“, информира Андоновска.

Надлежните во ИЈЗ информираа дека во моментов епидемиолошката состојба е стабилна. Рекоа дека секоја заразна болест има инкубациски период, кој трае во некои случаи и по две недели.

Овие мерки следуваат по реакцијата на микробиологот професорот Никола Пановски за Мета, во која кажа дека инсектите и глодарите можат да прошират многу зарази.

„Инсектите се најважни, посебно мувите, тие може да пренесат многу болести, а најопасно е ако се намножат стаорците. Тие, заедно со кучиња и мачки, се хранат со храна од тие ќеси со ѓубре во кои веќе се создал токсин, и со тоа тие се главни ширачи на болести. Ако стаорци се размножат енормно, ќе се населат во подрумите и може многу болести за пренесат. Од нивната урина се пренесува болеста листериоза. Замислете да влезат во фабрика за сувомесни производи или во фабрика за храна, може лесно да ја пренесат болеста. Имало случаи, врз лименки врз кои се измокриле, остануваат опасни бактерии кои предизвикуваат тешки болести кај човекот“, предупреди Пановски.

Ден потоа, на својот профил на Фејсбук, тој напиша дека „стаорците нема да чекаат втор изборен круг“. 

„Министерство за здравство, Центар за јавно здравје, Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство, што правите? Па, вие сте платени да апелирате, да наредувате, да превенирате, не е тоа моја работа. Десетици платени специјалисти по хигиена, епидемиологија, микробиологија, ветеринари, каде сте? Воопшто не е важно дали сега е опортуно да молчите, да чекаме да се исполни ветувањето за 72 часа, аман веќе, побарајте итна акција од Владата, ако не ве слушаат излезете на улица“, револтирано напиша Пановски.

INFO