Во најновиот Извештај за напредокот на Македонија кој го објави Европската комисија, земјата е оценета како умерено подготвена во областа на образованието и културата, при што е забележан ограничен напредок изминатата година.
Според извештајот, спроведувањето на Стратегијата за образование 2018–2025 и развојот на систем за следење на резултатите продолжува со бавно темпо.
„Донесени се Законот за образование на возрасни и Законот за стручно образование и обука (СОО), а новиот Закон за средно образование сè уште не е усвоен и е заменет со неколку измени на постојниот закон. ЕК нотира дека дел од минатогодишните препораки се делумно спроведени и остануваат релевантни. Во следниот период, Комисијата препорачува Македонија да го усвои новиот Закон за средно образование, како и подзаконски акти за Законот за образование на возрасни и за СОО, да продолжи со оформување и функционализација на регионалните центри за стручно образование, да го подобри пристапот до квалитетно образование за сите, посебно за деца со попреченост и деца од ромската заедница, да вложи во континуиран професионален развој на наставниците, да ја оптимизира мрежата на училишта и да ги примени новите формули за финансирање на основното и средното образование, како и на високото и стручното“, се наведува во извештајот.
Во делот кој се однесува на науката и истражувањето, Европската комисија оценува дека земјата има добро ниво на подготвеност и дека е постигнат значителен напредок.
Посебно се издвојува спроведувањето на мерките од Акцискиот план 2024–2025 во рамките на Стратегијата за паметна специјализација 2024–2027, како и зголеменото учество на Македонија во програмите Horizon Europe и COST.
„Создаден е Европскиот дигитален иновациски хаб (EDIH), а државата го зголеми буџетското финансирање за науката. Комисијата сепак укажува дека и тука препораките од минатата година се само делумно спроведени. Во наредниот период, Македонија треба да го зголеми вложувањето во наука и истражување, во согласност со приоритетите на Европското истражувачко подрачје, да продолжи да го поттикнува учеството во програмата Horizon Europe, и да обезбеди поддршка за компаниите преку Европскиот дигитален иновациски хаб“, се наведува во извештајот.
Во документот се потенцира потребата од посистемски пристап и континуирани инвестиции во човечкиот капитал и иновациите, како клучни елементи за приближување на Северна Македонија кон европските стандарди.