Премиерот Христијан Мицкоски попладнево, по средбата со ЕУ амбасадорот Михалис Рокас, го коментираше делот од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија кој се однесува на медиумите и медиумските слободи.
„Продолжуваме да ја унапредуваме подготвеноста за медиумските слободи и слободата на изразување. Постигнат е напредок во клучни сегменти во медиумската регулатива и институционалната независност, особено во финансиската независност на АВМУ, која е зајакната и тоа е важен чекор кон транспарентно и професионално медиумско работење“, кажа Мицкоски.
Тој додаде дека изборот на новите членови на советот на АВМУ ја потврдува заложбата за демократски процес и институционална стабилност, и дека овие чекори придонесуваат кон зајакнување на јавниот интерес. Во однос на законодавната рамка, тој посочи дека иако се потребни дополнителни усогласувања со европското законодавство, особено со Европскиот Акт за медиумска слобода, Владата веќе направила напредок во Законот за медиуми.
„Ова е показател дека како Влада работиме кон приближување на европските стандарди“, рече Мицкоски.