Владата обезбеди нови 12 милиони евра за чистење на малата депонија со линдан во ОХИС

Владата обезбеди нови 12 милиони евра за чистење на малата депонија со линдан во ОХИС. Средствата ќе се искористат во следните три години за целосно расчистување на историскиот отпад и за ремедијацијата на малата депонија. Договорот беше потпишан денеска меѓу Владата и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) со кој треба да се реши една од трите еколошки жаришта останати од некогашниот хемиски гигант.

Ремедијацијата на малата депонија на локацијата ОХИС, која се состои од пет бетонски базени, започна во 2021 година. Досега се ископани и спалени на 1969 тони HCH отпад и 586 тони на контаминирана почва, или околу 60 отсто од отпадот. Досегашните активности беа завршени со комбинирано финансирање од Владата, Европската Унија и Кралството Норвешка.
Од владата велат дека континуираната интервенција ќе овозможи безбедно отстранување и управување со опасниот отпад, во согласност со меѓународните еколошки и стандарди за безбедност и здравје при работа, со што значително ќе се намалат ризиците по јавното здравје и животната средина за околните заедници, а ќе се создадат и предуслови за чистење и на поголемата депонија во ОХИС.
„Продолжувањето на договорот ја одразува силата на нашето партнерство и заедничката решителност конечно да се затвори ова долгогодишно еколошко прашање,“ изјави Игор Јанушев, генерален секретар на Владата.
Активностите за ремедијација предвидуваат ископување, пакување, привремено складирање, транспорт и отстранување на HCH отпадот и контаминираната почва и невно согорување.
„Комплексното наследено загадување не може да се реши од една институција поединечно. Овој проект покажува како партнерството, довербата и јасно дефинираните улоги можат да донесат конкретни еколошки и здравствени придобивки за заедниците, истовремено обезбедувајќи ремедијацијата да се спроведува безбедно и одговорно,“ изјави Микела Телатин, директорка на Мултидржавната канцеларија на УНОПС за Југоисточна Европа.

Во мај годинава беа направени анализи од страна на холандската компанија ТАУ, кои покажаа дека во малата депонија во Охис има 50 отсто повеќе линдан од првичните пресметки. Во неа има и 70 тони жива, која исто така ќе треба да се извади и уништи на безбеден начин. Резултатите од анализата ќе влијаат и на временскиот рок и на цената на расчистувањето на депонијата, иако во текот на испитувањето беше констатирано и дека количините на контаминирана земја се значително пониски од оние во првичните пресметки. Според најновите прогнози, чистењето на малата депонија би траело уште три години, а би чинело меѓу 10 и 20 милиони евра.

Во малата депонија се преостанати 636 тони линдан, 2.613 тони контаминирана земја, 1.120 тони контаминиран бетон и околу 70 тони жива. Околу 1.781 тони земја која се наоѓа помеѓу базените, поради нискиот степен на контаминација, не се препорачува да се третира термички и истата ќе остане во малата депонија.

Во дворот на ОХИС, веднаш покрај малата се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан. Покрај овие две, закопан линдан има и во месноста Пеленица кај Драчево каде лежат околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато производството од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата во Скопје. Во ОХИС до неодамна беа складирани и 64 тони на десетици други опасни хемикалии, кои за две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа извезени на уништување во повеќе држави.

Влијанието на линданот и неговите изомери врз животната средина и здравјето на луѓето е огромно. Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.

Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ-честичките.

Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Линданот е вклучен во Стокхолмската конвенција во 2009 година кога е класифициран во група А, супстанца која мора да се елиминира и да престане да се произведува. Македонија конвенцијата ја потпиша на 23 мај 2001 година, а на 19 март 2004 година таа беше ратификувана во Собранието на Република Македонија.

INFO